Роберт Фицо / Фото Lenoir/EUC / Zuma Press / Profimedia

Фицо повторно има мнозинство во Парламентот, му се вратија неколку пратеници

Словачкиот премиер Роберт Фицо го врати изгубеното мнозинство во парламентот откако неколкумина пратеници се вратија во неговиот табор, јавија медиумите.

Фицо во последниве месеци немаше мнозинство поради споровите во владејачката трипартитна коалиција на левичарски и националистички партии, а тоа ја попречи работата на неговата влада. Минатиот месец, Фицо врати некои пратеници по воведувањето на промени во кабинетот, што му обезбеди тенко мнозинство во еднодомниот парламент од 150 места.

Словачкиот претседател Петер Пелегрини денеска назначи пратеник кој не е дел од ниту една пратеничка група за министер за иновации и развој. Ова назначување, со посредство на Фицо, ќе ги зголеми парламентарните места контролирани од неговата коалиција на 79 – исто толку колку што освои на изборите во 2023 година.

– Мислам дека можам да констатирам дека на (наредната) парламентарна седница, која ќе почне следната недела … (мнозинството од) 79 треба да се врати, што значи дека коалициската влада треба да може да носи одлуки и во исто време да спроведува важни гласања, рече словачкиот премиер по состанокот на владата.

Споровите во владејачката коалиција се совпаднаа со масовните протести против промената на надворешната политика на Словачка, која критичарите велат дека ја приближува премногу до Русија. Фицо се спротивстави на воената помош за Киев за да не се продолжи војната против руските сили кои ја нападнаа Украина во февруари 2022 година и влезе во спор со украинскиот претседател Володимир Зеленски околу прекинот на испораките на руски гас преку Украина.

Демонстрантите го повикаа Фицо да поднесе оставка, а тој ја бранеше неговата политика, велејќи дека таа има за цел да постигне рамнотежа и да се зачува местото на Словачка во Европската унија и НАТО. Фицо ги обвини активистите и либералната, прозападна опозиција дека се обидуваат да предизвикаат немири и да ги окупираат зградите на државните институции со цел да ги парализираат активностите на владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот