
Фестивалот „Зрно“ во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје претстави изложба на алтернативни фотографии
Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“ во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје претстави изложба на алтернативни фотографии, со дела избрани на меѓународен јавен повик и селектирани од стручно осумчлено меѓународно жири. Станува збор за храбри, аналогни и често невообичаени модерни дела.
Препорачано
Изложбата е дел од четвртото издание на фестивалот „Зрно“, кој годинава се одржува под мотото „ФотоСинтеза!“ и претставува единствена платформа во регионот посветена на некомерцијални, експериментални и авторски фотографски практики. Фестивалот ги промовира современите трендови во фотографијата, слободата на визуелниот израз, аналогните процеси, рачно изработените уникатни дела и едукацијата за аналогна фотографија преку работилници, публикации, предавања и изложби.
Избраните дела доаѓаат од автори од повеќе земји од разни агли на светот, набиени со креативен авторски израз и ја одразуваат широчината на современите тенденции во областа на алтернативната и експерименталната фотографија.
Фестивалот „Зрно“ годинава е делумно поддржан од Министерството за култура и туризам.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 288, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.7.2025)