Отворање на групната изложба на аналогна фотографија во „Мала станица“

Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“ ги открива тајните на благородните фотопроцеси

Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“, и покрај понижувачката поддршка од Годишната програма на Министерството за култура, годинава го одржува своето трето издание. Во овој период во Темишвар, Романија, е поставена изложба на дела настанати на минатогодишните работилници за благородни фотографски процеси, кои се одржаа во село Цапари, во прекрасниот простор на семејството Филевски.

Годинава „Зрно“ има уште побогата и поквалитетна програма. На 28 јуни, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ беше отворена меѓународна изложба на аналогна фотографија. Делата, испратени на отворен повик, се избрани од деветчлено меѓународно жири и претставуваат своевиден пресек на современите текови во светската фотографија. На изложбата се претставени над дваесет автори од целиот свет.

Отворање на групната изложба на аналогна фотографија во „Мала станица“

На 10 јули, во галеријата на ФЛУ во Сули ан, во 20 часот, ќе бидат отворени две авторски изложби, и тоа „Форма“ на Наталија Копкина од Хелсинки и избор на дела на Бабак Хаџи од Техеран. Двајцата се современи, алтернативни автори. На 12 јули во Монтажната галерија, во Паркот на франкофонијата, во 20 часот, ќе биде отворена авторската изложба „Еден“ на Тијана Борбељ од Нови Сад.

Носечката активност на „Зрно“ и она што го прави единствен фестивал во светот се работилниците за алтернативни, благородни фотографски процеси, кои годинава ќе се одржуваат во село Смилево, односно во Смилевскиот манастир. Гости ментори ќе бидат едни од најголемите експерти во глобални рамки за соодветните постапки, кои ќе ги споделуваат со учесници од цела Европа.

Ментори на „Зрно“ оваа година ќе бидат: Миша Кескеновиќ, Сежана, Словенија, врвен авторитет за многу благородни фотографски постапки, ќе биде ментор на работилница за нова цијанотипија, со негови хемиски рецептури; Михаел Лаубш, Виена, Австрија, ќе ја води работилницата за течна фотографска емулзија, на различни материјали (дрво, камен, платно…); Ивана Томановиќ, Белград, Србија, традиционално е задолжена за класичната црно-бела лабораторија; Стиг Марлон Вестон, Осло, Норвешка, ќе ја води работилницата за еко-лумент принтови; работилницата за мокар колодоум – темната уметност, ќе ја води Предраг Узелац, Нови Сад, Србија; Дамиан Диаконеску, Темишвар, Романија, без сомнеж најмагичниот и најдобриот непознат автор во Европа, ќе води работилници за гумотипија и Ван Дајк фотографија; и Емилија Сандиќ и Стефан Стефановски, студенти по фотографија на академијата во Нови Сад и дел од тимот на „Зрно“, ќе ја водат работилницата за креативни игри во класичната темна комора.

Во Смилево ќе се одржат и две изложби, на Миша Кескеновиќ и на фотоклубот „Ирис“ од Темишвар. Изложбите ќе се одржат на отворено и пред кооперација, а од поважните нешта – ќе има и проекција на филм, во соработка со „МакеДокс“ и НУ Манифестација „Смилевски конгрес“ – Смилево, Демир Хисар.

По завршувањето на работилниците за благородни фотографски процеси во Смилево, ќе биде поставена изложба на избрани дела настанати на работилниците. „Зрно“ од година во година расте и како единствен фестивал од ваков тип ја впишува Македонија на културната мапа на светот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 238, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.7.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот