
Фатен на дело: Суспендиран директорот на „Астрономер“ по аферата на концертот на „Колдплеј“!
Технолошката компанија „Астрономер“ привремено го отстрани од функцијата генералниот директор Енди Бајрон, откако на социјалните мрежи се појави видео што стана вирално, а на кое еден пар, за кој јавноста претпоставува дека е токму Бајрон со непозната жена, беше прикажан во прегратка за време на концерт на британската музичка група „Колдплеј“. Видеото предизвика лавина од реакции и шпекулации за можна афера.
Препорачано
Настанот се случи во текот на концертот во стадионот „Џилет“ во Фоксборо, Масачусетс. Во моментот кога парот беше прикажан на т.н. „камера за бакнежи“, пејачот Крис Мартин ѝ се обрати кон публиката со зборовите: „Или имаат афера, или се само многу срамежливи“. Жената веднаш го покри лицето, додека мажот се наведна, обидувајќи се да се сокрие.
По големиот интерес и реакциите во јавноста, од компанијата соопштија дека соосновачот и директор за производи, Пит Деџој, ја презема функцијата вршител на должноста генерален директор, пишува „Пипл“.
„Ќе споделиме повеќе информации кога ќе биде соодветно“, изјави портпаролот на „Астрономер“.
Иако идентитетот на лицата на видеото не е официјално потврден, на интернет кружат бројни објави кои го поврзуваат Бајрон со видеото. Компанијата демантираше дека и други вработени се присутни на снимката.
Во јавна објава на својата деловна страница, „Астрономер“ истакна дека останува посветена на вредностите и корпоративната култура што ја негува од своето основање.
„Од лидерите се очекува да бидат пример за однесување и одговорност. Одборот на директори покрена формална истрага и наскоро ќе има дополнителни информации“, се вели во соопштението.
Енди Бајрон сè уште не се има јавно огласено, а жената од видеото не е достапна за коментар.