
Факултетот за музичка уметност со фестивалот „Креденце данс“ направи достоен приказ на новите танцови генерации
Третото издание на фестивалот „Креденце данс“ почна на 16 јуни со програма конципирана тематски со Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц, а заврши на 21 јуни со трибина за балетската уметност на ФМУ.
Препорачано
Фестивалот „Креденце данс“ (Credence Dance) се одржува во организација на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) – Скопје со поддршка од Министерството за култура и туризам и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Танцовите претстави се изведуваа на сцената во Националната опера и балет.
На програмата беа фрагменти од бисерите на класичното наследство, како „Лебедово езеро“, „Рајмонда“, „Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други. Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно беа изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз, Јована Петровска, кои кореографиите наменски ги подготвија за фестивалот. Во изведбите на делата учествуваа ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и студенти-танчери од Факултетот за музичка уметност.
Овогодинашниот фестивал „Credence Dance“ понуди и ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Австрија, Велика Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена. Фестивалот оваа година има и дополнителна програма што се состои од работилници и трибини.

Во рамките на фестивалот традиционално беше врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Стручното жири во состав Тања Вујисиќ Тодоровска, Александра Мијалкова, Искра Шукарова, Емилија Џипунова, Киро Павлов, Марија Кичевска-Шокаровска и Слаѓана Спасеновска едногласно донесе одлука годинава наградата постхумно да се додели на првенецот, првиот директор на Балетот на МНТ и долгогодишен балетски репетитор и педагог Антон (Тони) Баталаковски.
– Тој остави неизбришлива трага во историјата на македонскиот балет во различни сфери, поттикнувајќи негов квалитетен развој. Во неговиот интерпретаторски опус се вбројуваат исклучителни изведби, како Ромео, Јаго, Соломон, Алберт, Дон Хозе и особено Марко од балетот „Охридска легенда“. Тој како директор продолжи да го моделира репертоарот и особено да гради национален корпус на творци и дела кои беа репрезенти на македонската балетска култура. Како репетитор ги обликуваше креациите на генерации на танчери и им помагаше да го достигнат својот перформативен максимум. Иако физички веќе не е меѓу нас, неговиот дух лебдее на оваа сцена во овие сали, кои започнаа со работа имено додека тој беше директор – истакна проф. д-р Соња Здравкова Џепароска, продекан на Факултетот за музичка уметност, на првата фестивалска вечер, кога наградата беше доделена на семејството на Баталаковски.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 286, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.6.2025)