Факторот години во американската политика

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Џо Бајден и Доналд Трамп на почетокот на своите мандати беа првиот, односно вториот најстар претседател во историјата на САД, а и составот на Сенатот ги урива геронтолошките рекорди

Колку стар е премногу стар за да се занимава со политика? Нема одговор, нема сертификат за компетентност, но фактите покажуваат дека во американската политика старата гарда, на која ѝ припаѓаат Бајден и Трамп, не изразува желба да се повлече. „Седиот ѕид“ тешко се урива.

Џо Бајден неодамна наполни 81 година, а скромната семејна прослава со колач од кокос беше придружена со сомневања на сѐ поголем дел од јавноста дали ќе биде способен за нов мандат, дури и со барања да се повлече поради староста.
Прашањето на годините стана клучна тема во изборната трка во чиј финиш се очекува судир на Бајден со Доналд Трамп, републиканецот што е само три години и пет месеци помлад од актуелниот домаќин во Белата куќа. Би било тоа дуел на најстариот и на вториот најстар претседател на почетокот на нивните мандати во американската историја.

Бајден е пред Трамп, кој имаше 70 години во времето на инаугурацијата во 2017 година.
Може ли Бајден да ги убеди гласачите дека неговите години не се проблем? Тој тврди дека е океј, гласачите не се сигурни.
Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Американци мислат дека тој е премногу стар за толку стресна функција. Тоа што се сопнува на скали, паѓа од велосипед, прави вербални гафови и ги проретчува обраќањата до новинарите, ги уверува критичарите и републиканците дека помал проблем се годините отколку компетентноста.
Лани 54 републиканци од Претставничкиот дом потпишаа писмо до Белата куќа во кое се изразува „загриженост“ во врска со когнитивната состојба на Бајден и се бара тест за деменција.
Демократите се надеваат дека факторот на годините нема клучно да влијае врз изборите во ноември 2024 година, иако тоа прашање повеќе се врти околу Бајден отколку околу Трамп, кој исто така има свои гафови, вклучувајќи ги и оние кога неодамна не знаеше во кој град се наоѓа, кога го нарече Барак Обама свој „водечки политички противник“ или кога ја измеша татковината на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Повеќето Американци ги загрижува тоа што на крајот на потенцијалниот нов мандат, Бајден би имал 86 години. Откако во април ја најави кандидатурата за номинацијата на Демократската партија, три четвртини од испитаниците сметаат дека Бајден е престар за втор мандат, покажа истражување во септември на телевизиската мрежа „Еј-би-си“ и „Вашингтон пост“.

Половината од нив истото го мисли и за Трамп. Поново истражување на Ипсос-Ројтерс покажува дека дури 65 отсто од демократите го мисли тоа, додека 39 отсто сметаат дека е спремен за работа.
Лекарите на претседателот на почетокот на годината соопштија дека тој е „способен за должност“, а и претседателот се шегуваше со шпекулациите дека забавува. „Знам дека имам 198 години“, изјави во јуни. „Вие велите дека сум стар, а јас велам дека сум мудар“, возврати претседателот, повикувајќи се на повеќе од половина век занимавање со политика. „Имам повеќе искуство отколку кој било друг претседател во историјата на САД. Една од работите што доаѓа со годините е мудроста“.
Во светот во кој просечната возраст на државници на членките на Обединетите нации е 69 години, Бајден е моментално деветтиот според возраст, а Трамп е во групата од 25 најстари. Така некогаш опскурниот збор „геронтократија“, владеење на старите, нагло се всели во американското секојдневие. Дали САД потсетуваат на античките општества: во римскиот Сенат не можело да се влезе пред да се проживеат 60 години. Во САД претседателот не може да биде помлад од 35 години, сенаторите 30 години, а членовите на Претставничкиот дом 25 години. Во реалноста, повеќето се многу постари.
Сенатот, кој своето име го влече од латинскиот збор „senex“ (стар), одамна е место на геронтолошко собирање на оние што таа функција може да ја извршуваат доживотно.

Просечната возраст од 65 години го чини сегашниот состав најстар во американската историја.
Забелешката дека избраните американски функционери се престари не е нова. Предлогот да се воведе возрасно ограничување на членовите на Конгресот има поддршка од двете партии. Студија на истражувачкиот центар Пју открива дека 79 отсто од Американците би сакале на федералните функционери да им се воведат старосни граници. Ники Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина и еден од претендентите за номинацијата на републиканците, предлага „задолжителен тест за ментална компетентност за политичарите постари од 75 години“.
Бајден за својот реизбор се потпира на младите гласачи, ама генерацијата „З“ во Конгресот има само еден претставник, демократот од Флорида Максвел Фрост, кој има 25 години. Истражувања покажуваат дека едвај една четвртина од демократите помлади од 45 години се спремни дефинитивно да гласаат за Бајден.
Геронтократијата во американска изведба значи дека приоритет ќе добијат реформите на системот за социјална заштита, додека прашањата како климатските промени би биле потиснати во заден план. Во другите западни демократии партиите на зелените имаат значајна улога во политиката, додека во Америка младите политички актери се принудени да функционираат во две партии оптоварени со годините. Младите се сомневаат дека Бајден е во состојба да ги следи прогресивните погледи на многумина демократи.
Колку стар е премногу стар за да се занимава со политика? Нема одговор, нема сертификат за компетентност, но фактите покажуваат дека во американската политика старата гарда, на која ѝ припаѓаат Бајден и Трамп, не изразува желба да се повлече. „Седиот ѕид“ тешко се урива.
Како Америка, позната по енергијата и динамиката на живеењето, стигна до политичка геријатрија?

Дали менталната состојба на претседателот е подобро од хронологијата на годините? Дали личното его е поважно од интересите на народот? Дали благите симптоми на сенилност се опасни за нуклеарната сила што има 800 војни бази ширум светот? Зарем Америка не сака малку помалку седа коса, а повеќе свежи идеи и перспективи?

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот