Фајзер лекови / Фото: ЕПА

„Фајзер“ и Трамп постигнаа договор за намалување на цените на лековите

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека фармацевтската компанија „Фајзер“ ќе ги намали цените на сите лекови на рецепт за Американците со ниски примања кои се дел од програмата „Медикејд“, пренесува Ројтерс.

Како дел од договорот, компанијата ќе продава нови лекови по најповолни цени какви што важат во другите развиени земји, во замена за изземање од новите увозни давачки. Трамп најави дека очекува и другите производители на лекови да го следат примерот.

Американските пациенти плаќаат трипати повеќе за лекови на рецепт отколку во други развиени земји. Трамп долго време врши притисок врз фармацевтските компании да ги усогласат цените со меѓународните стандарди.

Лековите на „Фајзер“ ќе бидат достапни преку новата интернет-платформа на Белата куќа „TrumpRx“, која ќе почне да функционира во 2026 година. „Со ова завршува времето кога САД ја субвенционираа здравствената заштита во остатокот од светот“, изјави Трамп на настан во Овалната сала, заедно со директорот на „Фајзер“ Алберт Бурла и министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор.

На 25 септември Трамп најави воведување 100 отсто царина на увоз на брендови или патентирани фармацевтски производи, освен за компаниите што ќе изградат фабрики во САД.

„Фајзер“ е првата компанија која постигна договор со администрацијата. Во јули, Трамп им испрати писмо на 17 најголеми фармацевтски компании со барање да достават планови за намалување на цените до 29 септември. „Фајзер“, која произведува во САД и во странство, најави инвестиција од 70 милијарди долари во истражување, развој и домашно производство, за што доби тригодишно изземање од царините.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот