
Евровизиската еуфорија ја тресе Европа
Оваа година омилениот музички настан на многу Европејци официјално се отвори на 11 мај, кога претставниците на 37 земји прошетаа по најдолгиот тиркизен тепих во историјата на натпреварот.
Овогодинешното 69. издание на Избор за песна на Евровизија се одржува во Базел, Швајцарија, од 13 до 17 мај 2025.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Благодарение на пејачот Немо и песната „The Code“, кој минатата година во Малме ја однесе победата за Швајцарија, овој музички настан се врати во земјата што беше домаќин на првиот натпревар за песна на Евровизија.
Ова е третпат Швајцарија да биде домаќин на натпреварот. Првиот натпревар за песна на Евровизија се одржа во 1956 година во Лугано каде што се натпреваруваа осум земји. Швајцарија уште еднаш беше земја домаќин во 1989 година, во Лозана, кога Југославија ја забележа единствената победа на натпреварот.

Оваа година омилениот музички настан на многу Европејци официјално се отвори на 11 мај, кога претставниците на 37 земји прошетаа по најдолгиот тиркизен тепих во историјата на натпреварот.
Арената „Сент Јакобшале“ во Базел со капацитет од 12.400 седишта е центарот на овој спектакуларен музички настан, кој секоја година ги собира најверните обожаватели на музиката. Сцената од 2.000 квадратни метри е дизајнирана од сценографот Флоријан Видер, кој инспирацијата за сценографијата ја добил од Швајцарските Алпи. Создаден е револуционерен сценски концепт со помош на илјадници светла, сто пиротехнички системи и други елементи.

Цените на билетите за овој спектакуларен музички настан предизвикаа реакции кај јавноста, достигнувајќи и до 60.258 денари за големото финале. Влезниците за полуфиналните вечери се движеа од околу 17.000 до над 21.000 денари.
Водителки на полуфиналните вечери се Хејзел Бругер и Сандра Студер, а во финалето што ќе се одржи на 17 мај, ќе им се придружи и Мишел Хунцикер.

Во првото полуфинале што се одржа на 13 мај настапија 18 земји, а за пласман се натпреваруваа 15 земји. Од нив, 10 земји обезбедија пласман во финалето: Норвешка, Албанија, Шведска, Исланд, Холандија, Полска, Сан Марино, Естонија, Португалија и Украина. Хрватска и Словенија не успеаја да се пласираат во финалето.

Италија, Шпанија и домаќинот Швајцарија, кои автоматски се пласирани во финалето, исто така настапија во ревијалниот дел.
На второто полуфинале што ќе се одржи вечерва ќе настапат Австралија, Црна Гора, Ирска, Латвија, Ерменија, Австрија, Велика Британија, Грција, Литванија, Малта, Грузија, Франција, Данска, Чешка, Луксембург, Израел, Германија, Србија, Финска.

Иако предвидувањата од ден на ден се менуваат, според обложувалниците, Шведска е убедлив фаворит на овогодишното натпреварување, претставена од бендот „KAJ“ со песната „Bara bada bastu“.
Финалето на Евровизија ќе се одржи в сабота, 17 мај.
Македонија трета година по ред не учествува на музичкиот фестивал. Како причина се наведува финансиската криза и недостигот на одобрени средства во буџетот на МРТ за оваа намена.