
Европските експерти „ги спуштаат“ на земја членовите од Судскиот совет
Работната група за реформа на Судскиот совет ги разгледа препораките на Оценската мисија на ЕУ, наскоро ги очекуваме предлозите од самиот Судски совет, по што ќе почнеме да ги пишуваме законските измени, вели за „Слободен печат“ академик Владо Камбовски, претседавач со групата која е формирана во рамките на Министерството за правда. Тој вели дека во измените на Законот за Судски совет ќе се имплементираат сите препораки од ЕУ, но и досегашните согледувања од домашните функционални анализи кои ја третирале проблематиката на Советот. Дел од препораките од Оценската мисија на ЕУ нема да се преточат во законските измени, затоа што за нивната имплементација е потребно самиот Судски совет да донесе измени во своите правилници, а се однесуваат на транспарентноста.
Препорачано
– Работната група сега ќе почне да работи на пишување на измените на законот. Чекаме мислења, предлози и ставови од самиот Судски совет. Тие во изминатава недела три дена ги разгледуваа забелешките и препораките од Оценската мисија, па ги замоливме да ни ги достават во работната група нивните предлози и мислења – вели Камбовски.
Од Министерството за правда соопштија дека работнатата група ги разгледала сите 40 препораки на Оценската мисија, а во наредниот период ќе се конкретизираат мислењата и ставовите на членовите на групата.
– Предвидени се измени во делот на изборот, одговорноста и разрешувањето на претседателот и членовите на Судскиот совет, како и во изборот и унапредувањето на судиите. Се дискутираше и за самостојноста на судскиот буџет. За реализација на одредени реформи во Судскиот совет се неопходни и уставни измени, за што работната група има издвоено мислење – соопшти Министерството за правда.
Професорот Камбовски вели дека уставните измени се неопходни и не треба да се чека. Уставот треба да се промени за да се намали мандатот на членовите на Судскиот совет од шест на четири години, како што предлага Оценската мисија, да се овозможи членовите на Советот кои се судии и натаму да продолжат да судат во ограничен обем, членовите да немаат право на втор последователен мандат, како и да се определи дека Министерот за правда и претседателот на врховниот суд повеќе не се членови по функција во Советот, без право на глас.
– Потребни се и уставни измени за да се регулира мандатот на членот на Судскиот совет и за други предложени решенија. Но, зошто се чека со уставните измени? Не е потребна само реформа на Судскиот совет, туку во Уставот треба да се додефинира и Уставниот суд. Ние направивме баук од отварање на Устав! Се фативме за Преамбулата, а воопшто не се занимаваме со крупни суштински прашања кои го дефинираат поредокот на државата. Уставниот суд е фрлен на маргините, а треба да е најистурен орган кој го гарантира уставниот поредок. Наместо тоа, гледаме како се предлагаат неуставни закони, а последен пример за тоа е законот за рестриктивни мерки – вели Камбовски.
Дел од медиумите деновиве објавија делови од извештајот на Оценската мисија на ЕУ, кој на властите им беше предаден на почетокот на декември, а во кој предложените 40 препораки се поделени на 17 кои може да се имплементираат веднаш, 17 на среден рок и шест долгорочни препораки.
Една од препораките е Владата конечно да почне да му го дава законски загарантираниот буцет на судството, а исплатата да оди директно без сегашната процедура за одобрување на буџет. На судството му следуваат 0,8 отсто од Бруто-домашниот прозизвод, а Министерството за финансии со години наназад исплаќа само до 0,3 отсто.
Во врска со изборите на членови на Советот, од кои осуммина се судии, тројца ги предлага Собранието, а двајца претседателот на државата има повеќе препораки. За членовите кои ги предлага Собранието се препорачува тие да се избираат на ист начин како членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, со јавни сослушувања и со учество на лица надвор од политиката. Тие се бираат редовите на истакнати правници, па се препорачува подобро да се дефинира институтот „истакнат правник“, затоа што досега често се злоупотребувал. За избор на членовите на Советот од редот на судиите се предлага да има цензус, односно излезност, а доколку на изборите има само еден кандидат, се предлага судиите на гласачкото ливче освен „за“ да имаат и опција „против“.
Оценската мисија на ЕУ препорачала да се забрани избор и унапредување во судсика функција една година по мандатот во Судскиот совет.
Препорачано е подетаљно да се регулира дисциплинската постапка за членовите на Советот, да се воспостави постапка за разрешување на претседателот на Судскиот совет, која треба да биде процедурално различна од постапката за разрешување на член на Судскиот совет.
Се предлага и расправите во дисциплинските постапки за судиите да бидат јавни, а во законот да се наведат исклучоците кога јавноста треба да биде ислучена.
Во извештајот на Оценската мисија е нотирано и мешањето на политиката во работата на Судскиот совет. Експертите ја нотирале оставката на претходната претседателка на Советот Павлина Црвенковска која изјави дека не може повеќе да ги поднесе притисоците од судската и бизнис елита, и незаконското разрешување на Весна Дамевска од претседателската функција и потенцирале дека ниту Судскиот совет, ниту Јавното обвинителство не направиле ништо за да ги истражат наводите на Црвенковска, а Собранието не презело ништо за да се подобри сосотојбата по смената на Дамева.
Од Судскиот совет досега само најавуваа, ама сè уште не преземаа ништо конкретно за да го имплементираат оној дел од краткорочните мерки за кои не се потребни законски измени.