Европскиот суд денеска ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска треба да ја објави одлуката за случајот со поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Судот во Стразбур треба да се изјасни по жалбата поднесена од осумина граѓани на Република Северна Македонија. Станува збор за аболицијата на Иванов од април 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери.

Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести.

По реакциите во јавноста, беа донесени измени на Законот за помилување со што се отвори простор за повлекување на аболициите.

Од денешената одлука на Европскиот суд ќе зависи дали предметите на СЈО и судењата кои произлегоа од нив ќе продолжат или ќе запрат, а обвинетите и осудените ќе бидат аболирани. Доколку обвинетите и осудените лица бидат прогласени за жртви, државата можеби ќе треба да им плати и обесштетување.

Поранешната судијка во Судот во Стразбур Маргарита Цаца Николовска, вели дека се ќе зависи што ќе биде наведено во самата одлука и што ќе биде понатаму обврска на државата или како тоа ќе се реперкуира на целокупната политичка ситуација во земјата.

Стразбур носи пресуда во која што се утврдува дека има повреда или нема повреда. Доколку утврди дека има повреда, тогаш треба да се види во што е таа повреда дали е процедурална или е суштинска повреда во мерит. Ако е процедурална тогаш странките имаат можност да бараат повторување на постапката, но повторно зависи што е процедурална повреда. Ако е повредата во мерит, треба да се види што е самата повреда и во зависност од тоа треба да се испитува дали треба да дојде до промена на законодавство или носење на нови закони, изјави судијката Николовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот