
Европски културни вредности со балкански ритам носи музичкиот проект „Една песна, една Европа“
Музичари од 12 земји неколку денови престојуваа во Скопје во рамките на проектот „Една песна, една Европа“, со кој познатата композиција „Ода на радоста“ од Бетовен доби нова, класично-балканска верзија.
Препорачано
Платформата „We Balkans“, основана на иницијатива на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија, во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, ја реализира културната иницијатива „Една песна, една Европа“, која го слави заедничкото наследство и креативниот дух на Европа.
За да ја преточат оваа визија во реалност, 12 врвни музичари од земјите на ЕУ и Западен Балкан од 14 до 17 септември беа присутни во Скопје со цел да снимат една заедничка песна. Свирејќи на инструменти – од класични до народни, од ретки до современи – тие ќе доловат дека Европа и Западен Балкан не ги поврзува само местоположбата, туку и заедничката креативност и длабоките културни корени.
Со генерации луѓето ширум Западен Балкан и земјите членки на ЕУ растеле со истите песни и вредности. Денес, без разлика дали во дигиталниот или физичкиот свет, културата и понатаму е мост што ги обединува генерациите, народите и нивните стремежи.
Поддржувајќи ги уметниците, културната соработка и креативната размена, ЕУ им овозможува на музичарите и творците од целиот регион да црпат инспирација едни од други – потврдувајќи дека културната поврзаност е едно од најголемите богатства на Европа и дека на неа се темели нејзиното проширување.
Така, во состав на ансамблот што учествуваше во реализацијата на проектот учествуваа Гент Руши (Албанија) на хармоника, Антонија Батиниќ (Босна и Херцеговина) како вокална солистка, Христина Белева (Бугарија) на гадулка, Петр Хармачек (Република Чешка) на труба, Делфин Орели Ланхоф (Франција) на тапани, Марвин Дилман (Германија) на диџериду, Дритон Бејта (Косово) на гитара и чифтели, Жана Лекиќ (Црна Гора) на флејта, Мајк дел Феро (Холандија) на пијано, Серџук Алимов (Северна Македонија) на труба, Милош Николиќ (Србија) на кавал и Ана Мезгец (Словенија) на виолина.
Иницијатор на целата идеја за проектот „Една песна, една Европа“ е Самра Лучкин од Сараево, која како музички аранжер и продуцент го ангажирала Дино Шукало да ги направи основните подготовки за песната да може да се отсвири и да се сними. Станува збор за композицијата „Ода на радоста“ од Бетовен, која сега добива аранжман за изведба на разновидни и необични балкански инструменти. На тој начин европските класични вредности се поврзуваат со балканските традиционални инструменти.

– Доаѓам од сегментот на импровизирана, џез и популарна музика, немам класично музичко образование, а „Ода на радоста“ се издвои како посебна песна од Деветтата симфонија на Бетовен благодарение на едноставноста и конкретноста на мелодијата. Досега не сум имал многу можности да се занимавам со класичен музички репертоар, но со овој проект се случува токму тоа и се радувам што целата работа излезе многу добро. Разликата со класичната изведба на композицијата е што додадовме една осмина и ја изведуваме во 9-осмински ритам, што е една од карактеристиките на балканската музика – објасни Шукало за „Културен печат“.
Вокална солистка во овој мал, но разновиден оркестар, е Антонија Батиниќ од Босна и Херцеговина, која поточно доаѓа од Мостар, каде е главен вокал на „Мостар севдах реунион“. Таа со задоволство прифатила да биде дел од проектот.
– Концептот е замислен така што песната трае многу кратко, но доволно за да ги прикаже балканските традиции и култури кои меѓусебно се судираат и се разминуваат, а истовремено имаат и многу допирни точки – истакна Батиниќ.
Како вокална солистка која изведува севдалинки, Батиниќ објасни дека изведбата на секоја традиционална песна на некој начин е „ода на радоста“, бидејќи на тој начин се чува традицијата. Исто така, севдалинките се песни во кои има чезнеење и тага за некоја неостварена платонска љубов, но не сите се тематски преокупирани со такви емоции, бидејќи има и радосни севдалинки преку кои се раскажува живеењето во некои минати времиња, а на тој начин се пренесува и традицијата кон новите генерации со порака убавината и среќата да ги бараат во малите нешта.

Македонски претставник во оркестарот е Серџук Алимов, кој свири труба. За него е големо искуство што има можност да настапи со врвни музички уметници од 12 различни држави. Доаѓа од Штип, работи со свое трио со кое изведуваат балканска музика, а настапувал и со Кочани Оркестар.
На традиционален бугарски инструмент наречен гадулка член на оркестарот е и Христина Белева. Таа објасни дека во основата на идејата за проектот е да се направи спој на класични и народни инструменти и дека затоа нејзиниот инструмент е избран да биде дел од инструментариумот со новиот аранжман на „Ода на радоста“ со цел да се направи фузија.

Во однос на самиот инструмент појасни дека идејата за свирење гадулка ја добила од нејзиниот брат, додека во однос на образовниот систем појасни дека во Бугарија се изучува во школи и факултети како народен инструмент, а и самата е професорка на Националната музичка академија во Софија.
Инаку, Белева со својата гадулка гостувала во Скопје и во 2019 година, кога хорот „Мистеријата на бугарските гласови“ настапи на истата сцена во Филхармонија, а гостинка им беше Лиза Жерар од „Дед кен денс“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)