
Европски град очајно ги повикува туристите да престанат да крадат калдрма
Многумина од нас велат дека „дел од секој град што го посетуваат останува со нив“ кога ќе се вратат дома, но туристите во Бриж, Белгија се чини дека го сфаќаат ова буквално, пишува „Тајм аут“.
Препорачано
Градскиот советник Френки Демон ги повика туристите да престанат да носат калдрма од градските улици како сувенири, бидејќи тоа е голем знак на непочитување кон градот.

Градските советници велат дека санирањето на штетата чини 200 евра по квадратен метар и дека луѓето не ја почитуваат „вековната историја на Бриж“.
Стариот град Бриж, сепак, е под заштита на УНЕСКО како дел од светското културно наследство, но и покрај ова, познати места како што се пазарот Висмаркт, езерото Миневатор, плоштадот Гроте Маркт и музејот Грутхузе губат помеѓу 50 и 70 камени плочи месечно.
Тој број можеби не изгледа претеран, но постојат две причини зошто е сериозен проблем. Прво, таквото однесување го оштетува историското наследство на градот.
„Не бараме ништо друго освен почит. Да се шета во Бриж е да се чекори по векови историја. Ве молам, оставете ги камењата таму каде што им е местото“, рекол Демон.
Втората причина е цената. Не само што дупките што ги оставаат украдените камења се опасни за пешаците, туку нивната санација чини околу 200 евра по квадратен метар.

Ова не е првпат туристите да бидат опоменати за злоупотреба на она што не им припаѓа – властите на Сардинија неодамна воведоа казна од 3.000 евра за посетителите кои земале песок од плажите.
Всушност, во последниве години, популарните дестинации низ целиот свет сè повеќе усвојуваат правила за ограничување на непожелното туристичко однесување.
Амстердам со години се бори со бучавата, Прага има правила против „смешни костими“, а на туристите им е целосно забранет влезот во познатата област на гејши во Кјото. Во медитеранските земји се спроведуваат контроли во врска со консумирањето алкохол и несоодветното облекување.