Европската централна банка повторно ги намали каматните стапки

Европската централна банка (ЕЦБ) ги намали каматните стапки по четврти пат оваа година како одговор на економското забавување во земјите чија валута е еврото. Економистите предвидуваат дека ЕЦБ дополнително ќе ги намали референтните каматни стапки во наредните години.

Трговските конфликти, како оние со САД и реизбраниот претседател Доналд Трамп, може дополнително да ја загрозат и онака ослабената европска економија, пишува ДПА.

Засега, Советот на ЕЦБ ја намали пасивната каматна стапка, која служи како водич на финансискиот пазар, за 0,25 отсто на три отсто.

Штедачите веројатно ќе го почувствуваат ефектот од ова намалување. Многу банки го пренесуваат падот на пасивните каматни стапки на своите клиенти преку пониски каматни стапки на штедењето по побарувачка и ороченото штедење.

Намалена е и каматната стапка по која комерцијалните банки се задолжуваат кај ЕЦБ, од 3,4 отсто на 3,15 отсто.

Пониските референтни каматни стапки се генерално поволни за економијата. Кредитите стануваат подостапни, а бизнисите и граѓаните, како што се оние што градат куќи, можат полесно да добијат пари за инвестирање, а со тоа да се стимулира растот.

Економистите очекуваа ново намалување на каматите, а се шпекулира и за уште поголемо намалување од 0,5 отсто. Крајот на периодот на висока инфлација во еврозоната отвори простор за вакви потези на монетарните власти.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард неодамна предупреди на долготрајна економска слабост.

Франција и Германија, клучните европски економии, се во политички кризи, поради што ја губат улогата на мотори на реформите.

ЕЦБ дополнително ги намали прогнозите за економски раст за еврозоната. За 2024 година очекува раст од само 0,7 отсто.

Прогнозите за следната и 2026 година се исто така попесимистички од септември и изнесуваат 1,1 односно 1,4 отсто.

Годишната инфлација неодамна повторно се зголеми, како во Германија, така и во еврозоната како целина, достигнувајќи 2,3 проценти во ноември.

Сепак, експертите во моментов не очекуваат нова инфлаторна спирала како онаа што следеше по почетокот на руската агресија во Украина во февруари 2022 година, кога цените на енергијата и храната драстично пораснаа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот