Европа и екс-Југославија да играат во Скопје!

Атанас Костовски, Фото: Архива

Чувствувам дека на 60-годишнината од натпреварот одигран во Белград за помош на Скопје, мојот град на некој начин треба да искаже благодарност до ФИФА и УЕФА. Конкретно, да се одигра натпревар сличен на тој, во кој ќе се сретнат Европа и селекција на поранешна Југославија. Ја замислувам „семејната фотографија“ од настанот: меѓу шаренилото од дресови на едната страна ќе застанат Данела Арсовска, Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, а на другата Дарко Панчев и Горан Пандев. Сите заедно, како едно фудбалско семејство! Засукајте ракави, подгответе терен за ваков спектакл! Скапите фудбалски нозе не трчаат по – неквалитетна трева!

На денешен ден, пак, пред 59 години, за помош на разурнатото од земјотресот Скопје, во Белград играа Европа и Југославија. Победи селекцијата на Европа со 7-2, за која настапија Јашин, Лала, Шнелингер, Плускал, Месељ, Вороњин, Агусто, Масопуст, Зелер, Еузебио, Симоеш (Шандор). За Југославија играа Шошкиќ (Шкориќ), Белин, Јусуфи, Мелиќ, Чоп, Васовиќ, Замбата, Костиќ, Самарџиќ (Чебинац), Галиќ, Скоблар (Костиќ). Еузебио постигна 4 гола, Зелер 2 и еден Агусто за Европа, а Костиќ и Галиќ беа стрелци за тимот на поранешна Југославија.

Го следев во живо тој натпревар. Благородната идеја на тогашните први луѓе на ФИФА и на УЕФА, сер Стенли Раус и Густав Видеркер, беше реализирана едно дождливо попладне, на Стадионот на ЈНА. Светската солидарност, искажана и преку фудбалот, им донесе многу оптимизам на скопјани дека нивниот разурнат град може ги залечи раните.

Хуманоста во фудбалот е безвременска и постојана. Доказ за тоа е и натпреварот одигран во Љубљана пред осум дена, на 15 септември. Играа „сини“ против „црвени“, а приходот од натпреварот беше наменет за погодените подрачја од катастрофалните поплави во Словенија. На повикот на претседателот на УЕФА, Словенецот Александар Чеферин, ги покани поранешните фудбалски ѕвезди Буфон, Малдини, Ибрахимовиќ, Занети, Абидал, Мијатовиќ, Сидорф, Клосе, Бербатов, Шукер, Шевченко, Фиго, Бобан, Срна, Шмицер, Видиќ, Карагер, Манџукиќ, Силвестре, Бирхоф, Савиќевиќ, Алтинтоп, Асановиќ… Селектори беа Словенецот Матјаж Кек и Фабио Капело, прославениот италијански поранешен фудбалски тренер и играч. Натпреварот заврши 1-1, 4-3 на пенали за „сините“, а вкупниот приход од хуманитарниот настан беше три милиони евра.

Фудбалот е едно семејство, нели? Таков е и насловот на монографијата, монументално фактографско дело на поранешниот генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Илија Атанасовски – Ико, сега покоен.

Мислам дека на 60-годишнината од натпреварот одигран во Белград за помош на Скопје, мојот град на некој начин треба да искаже благодарност кон ФИФА и УЕФА. Конкретно, да се одигра натпревар сличен на тој од пред шест децении, во кој ќе се сретнат Европа и селекција на поранешна Југославија.
Првичната иницијатива пред повеќе од девет години ја објавив на спортскиот портал Спортмедиа.мк. И тогаш, и сега, во „Слободен печат“, кој се надевам дека ќе биде медиумски покровител на настанот, уредник беше почитуваниот колега Милорад Стојмановски, кој ме поддржа во идејата. Иницијативата, за жал, предизвика слаб интерес во Македонија (единствено ѝ се израдуваа фудбалски вљубеници од БиХ, кои дури почнаа да составуваат екипа од екс-ЈУ просторот), што беше причина писмата што ги напишав до тогашните светски фудбалски челници, Сеп Блатер и Мишел Платини, да не бидат испратени.
Работите се сменети оттогаш. Тогаш Националната арена се викаше „Филип Втори“, денес е „Тоше Проески“. Претседател на ФФМ во 2014-та беше Ѓоргиоски, а денес е Сејдини. Денес не се Блатер и Платини на чело на ФИФА и УЕФА, туку Инфантино и Чеферин.

Имаме цела година пред нас за сериозна подготовка на настанот за да изгледа светски. Предлагам носители и организатори да бидат Град Скопје и Фудбалската федерација на Македонија, тимот на Европа да го состават новинарите од најдобрите играчи на „Евро 2024“, а селектор на екс-југословенскиот тим да биде хрватскиот стручњак Златко Далиќ. Во случај поради зафатеност да не можат да настапат најдобрите актуелни фудбалери, алтернатива би била селекцијата на Европа и на екс Југославија да биде составена од поранешни фудбалски ѕвезди, сега веќе ветерани.

Веќе ја замислувам „семејната фотографија“ од настанот. Меѓу шаренилото од дресови, ќе се вмешаат скопската градоначалничка Данела Арсовска, како и политичките лидери Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, а на другата – нашите фудбалски легенди Дарко Панчев и Горан Пандев, колку и да се разединети во моментов. Фудбалот, меѓу другото, постои за да зближува.

Затоа, сите заедно, како едно фудбалско семејство, да ги засукаме ракавите. Да се подготви теренот за ваков спектакл. И буквално! Скапите фудбалски нозе не трчаат по – неквалитетна трева!

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот