Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕП/Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

ЕУ ја анализира реформската агенда на Западен Балкан пред првите исплати

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е избрана на чело на оваа институција за нов петгодишен мандат, на 19 септември на работен ручек во Брисел ќе ги собере лидерите на земјите од Западен Балкан, јавува Радио Слободна Европа на албански јазик.

Таа со оваа средба сака да докаже дека и во новиот мандат посебно внимание ќе посвети на овој регион и воопшто на процесот на проширување на ЕУ.

Сепак, главната цел на овој состанок е да се разговара за „агендите за реформи и раст“, ​​кои речиси сите земји од регионот на Западен Балкан ги доставија до Европската комисија, како предуслов да ги добијат првите исплати од Планот за раст за Западен Балкан, одобрен од ЕУ во мај годинава.

Во промовирањето на овој план лично се ангажираше Фон дер Лајен, а беше поддржан и од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ.

Според извори во ЕУ, средбата на Фон дер Лајен со лидерите на земјите од Западен Балкан ќе биде добра можност да се види до каде стигнале овие земји со своите подготовки за реализација на целите на овој план.

Секоја земја мораше да подготви реформска агенда, врз основа на прелиминарните препораки на телата на ЕУ. Пет земји од регионот веќе го направија тоа, додека Босна и Херцеговина е единствената, која од внатрешно-политички причини сè уште не го сторила тоа. Косово, пак, беше меѓу првите земји што го доставија својот план до Европската комисија.

Очекувањата во ЕУ беа дека кон средината на септември Европската комисија ќе ги одобри овие агенди на земјите од регионот. Се очекуваше тоа да се случи уште пред средбата на 19 септември, но процесот е одложен за октомври. Како неофицијална причина се наведува фактот што Босна и Херцеговина сè уште не го доставила својот план. А, со оглед на тоа дека во оваа земја наскоро ќе има локални избори, се очекува тоа да го направи дури во октомври.

Овие одложувања може да влијаат да не се реализира целта на Uнгарското претседателство со ЕУ, првите исплати на најнапредните земји да се извршат пред крајот на оваа година.

Според неофицијална проценка, Косово ќе може да има корист од над 880 милиони евра од Планот за раст. Над 250 милиони ќе му бидат доделени на Косово како пари без враќање, а останатите во форма на поволни заеми.

Пресметката за финансиската сума што ќе ` се даде на секоја земја се базира на Бруто домашниот производ (БДП), бројот на жители и некои други критериуми. Но, при презентацијата на овој план, на земјите од регионот јасно им беше кажано дека доколку не ги спроведат реформите по една или две години, тогаш сумата ќе биде распределена на други земји.

Преку Планот за раст за Западен Балкан, Европската Унија планира да додели околу 6 милијарди евра за земјите од овој регион во периодот од 2024 до 2027 година.

Од оваа сума, две милијарди ќе бидат грантови од ЕУ без поврат, додека остатокот ќе биде во форма на поволни заеми. Целта е да се помогне економскиот раст и на овој начин да се забрза процесот на европска интеграција на овој регион.

Корисници на овие средства се сите земји од регионот: Косово, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.

Планот, исто така има за цел да ја промовира регионалната соработка и развојот на заедничкиот пазар во регионот, кој постепено би се интегрирал во заедничкиот пазар на Европската Унија.

Овој план, според претставниците на ЕУ, во никој случај не е наменет да создаде алтернатива за проширувањето на ЕУ, туку да го олесни членството на овие земји во ЕУ.

Во ЕУ продолжуваат да потсетуваат дека за искористување на финансиските средства од Планот за раст, земјите од регионот мора да исполнат неколку услови, од кои главните се поврзани со владеењето на правото и обезбедување процедури за финансиска контрола според европските стандарди.

За Косово и Србија, како специфичен услов се споменува и напредокот на патот кон нормализација на односите – што вклучува нивно конструктивно ангажирање во спроведувањето на сите договори постигнати во дијалогот со посредство на Европската Унија. Доколку нема напредок во нормализацијата на односите, според дипломатите во ЕУ, земјите кои ќе бидат идентификувани како неконструктивни, може да имаат последици преку блокирање на плаќањата од Планот за раст.

Косово во моментов е под неколку казнени мерки на ЕУ – поради тензиите во северниот дел со мнозинско српско население – кои вклучуваат суспензија на плаќањата од претпристапните инструменти на ЕУ (ИПА).

Планот за раст е посебен и не е вклучен во ИПА.

Планот за раст за Западен Балкан, како пакет од 6 милијарди евра, се смета за негов најамбициозен план за овој регион.

Сумата од близу 900 милиони евра за Косово ќе биде и најголемата сума што ја добива од ЕУ во посебен пакет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот