
ЕУ и САД се блиску до добар трговски договор, тврди еврокомесарот за трговија
Европската Унија и Соединетите Американски Држави се блиску до заемно корисен исход во нивните трговски разговори, изјави денеска комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчовиќ.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Чувството од наша страна е дека сме многу блиску до договор“, рече Шефчовиќ пред состанокот на министрите за трговија на ЕУ во Брисел, додавајќи дека царините од 30 % што американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги воведе врз ЕУ практично би ја уништиле трговијата.
Во меѓувреме, желбата на Европската Унија за договор со САД ја повтори вчера претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, еден ден откако Доналд Трамп објави дека царината од 30% за европскиот извоз ќе биде воведена од 1 август.
Урсула фон дер Лајен рече дека Брисел ги продолжува контрамерките до почетокот на август, додека мораториумот на ЕУ за одмазда требаше да истече во понеделник или вторник.
Во секој случај, таа повтори дека Европа сака договорено решение со Соединетите Американски Држави за трговија.
„Инструментот (против принуда) е создаден за посебни ситуации, а ние сè уште не сме дошле до таму “, додаде таа, осврнувајќи се на инструмент што ѝ овозможува на Европската Унија да оди подалеку од традиционалните тарифи за стоки и да воведува ограничувања на трговијата, но и на услугите.