Етно-фјужн фестивалот „Локум фест“ традиционално ќе се одржи во Битола

Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ во своето 17-то издание ќе се одржи од 18 до 20 јули на повеќе локации во Битола.

Фестивалот ќе почне на 18 јули, на платото на Офицерски дом – КИЦ Битола, со концертна промоција на новиот албум на групата „Баклава“ во 20.30 часот, а истата вечер на истата локација во 21.30 часот ќе настапи „Локсандра ансамбл“ од Грција.

Пасијата за откривање на традиционалните музички спомени и звуци на конзулска Битола на фестивалот ќе ги донесе „битолчаните“ од Њујорк „Елијас ладино ансамбл“ на 19 јули, а во соработка со Државниот архив – одд. Битола ќе биде поставена изложба на фотографии од музичкиот живот на битолските Евреи.

Втората вечер ќе ја затвори познатиот македонско-словенечки мајстор на саксофон Васко Атанасовски со промоција на неговиот албум на балканска музика „Мелем“, а како гостинка на концертот ќе настапи вокалната солистка Добрила Грашеска.

Последната вечер, на 20 јули, е резервирана за старата битолска чаршија, каде ќе се случува фестивалско „крешендо“. Покрај пешачката улица, крај реката Драгор, ќе бидат поставени ракотворби, локуми, турско кафе и добра храна. Во музичкиот дел ќе настапи Вевки Амедов и неговите „Јужни звезди“, славејќи ја ромската култура.

Специјални гости од партнерскиот фестивал „Резонатор“ од Данска, кои со поддршка на „MOST music“ ќе дојдат во Битола, се групата „Ypek Yolu“, или „патот на свилата“. Нивната музика е харизматична спојка на традиционалната анадолска народна музика и фанк-фјужн, музика која има една единствена цел – да ве разигра и опушти.

Традиционално, во текот на сите три фестивалски вечери, ќе има презентации на ЗУР „Македонски ракотоворби“, крушевски и битолски локум, како и презентации на рачно изработени производи и кафе.

Фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура, Општина Битола, „Пред плус фондација“, Амбасадата на Словенија во Скопје, Генералниот конзулат на Грција во Битола, КИЦ Битола, како и бројни пријатели и поддржувачи, известија од „Локум фест – музика и традиција“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот