Шалтер Фото: Архива Слободен печат

Етничка графа нема, ама сè ќе биде како досега

Во Владата има консензус при вработувањата на административците и натаму да се запазува компетентноста на кандидатите, но и соодветната и правична застапеност, иако во огласите нема графа за етничка припадност, сè додека не се донесе законот за соодветна и правична застапеност, вели за „Слободен печат“ функционер од Вреди.

Огласите за вработување на административци од минатиот петок првпат по осум години се објавуваат без графата за етничка припадност, откако Уставниот суд неодамна го укина балансерот, односно вработувањата според етнички клуч. Ова значи дека мерит-системот, односно компетентноста и стручноста е единствениот критериуми за кандидатите да бидат вработени во државната и јавна администрација, без оглед на нивната етничка припадност.

Но, дали и по укинувањето на балансерот власта ќе ги „мести“ конкурсите за административци, е дилемата што се отвора откако висок владин функционер од Вреди за „Слободен печат“ вели дека во Владата има консензус при вработувањата и натаму да се почитува етничката припадност.

– Во Владата има консензус при вработувањата на административците и натаму да се запазува компетентноста на кандидатите, но и соодветната и правична застапеност иако во огласите нема графа за етника припадност, додека не се донесе законот за соодветна и правична застапеност – вели функционерот од Вреди.

Сепак, како ова ќе функционира нема прецизен одговор, туку само дека и натаму ќе се внимава на соодветната застапеност. Владиниот функционер објаснува дека и пред воведувањето на балансерот во 2016 година, при вработувањето на административците се почитувала правичната застапеност.

Од Агенцијата за администрација потврдуваат дека од минатиот петок почнале со објавување огласи за вработување на административци, откако тие еден месец беа замрзнати поради надградба на софтверот, односно бришење на графата за етничка припадност.

Од друга страна, засега нема релевантна информација ни кога може да се очекува нацрт-верзијата на законот за правична застапеност, кој пак, треба да гарантира вработувања на заедниците во јавниот сектор, но притоа решението да биде правно издржано за да не падне на Уставен суд.
Владиниот функционер од Вреди само вели дека експертската група работи и наскоро се очекува нацрт-верзијата на законот да биде готова.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев неодамна изјави дека според последниот податок за правична застапеност, а тоа е пресекот од извештајот на Министерството од 2023 година, етнички Албанци во јавната администрација има меѓу 22 до 23 проценти, а на сите други заедници е во односот од 5 до 7 проценти. Тоа значи дека балансот на правична застапеност во институциите е веќе присутен.
Нацрт-предлогот на законот за правична застапеност ќе биде ставен на увид на јавноста, но и ќе биде доставен до Венецијанската комисија и потоа како законско решение би бил финализиран.

По укинувањето на балансерот, Агенцијата за администрација ги стопираше конкурсите за вработување на административци и течеа само огласите со графата за етничка припадност кои веќе биле објавени пред одлуката на Уставен суд. Балансерот како алатка беше воведен во 2016 година за да служи за соодветна и правична застапеност на сите заедници во секоја институција од државниот и јавниот сектор. Балансерот, всушност, беше калкулатор што одредува од која националност треба да бидат идните кандидати при огласите за вработување. Но алатката изминативе години почна масовно да се злоупотребува, односно на конкурсите Македонци се пријавувале како Албанци, Срби… и обратно, при што балансерот ја изгуби својата основна намена – правична и соодветна застапеност на заедниците при вработувањето во администрацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот