Мост „Беласица“/Фото: Драган Митрески

ЕСМ сѐ уште не ја започна санацијата на мостот „Беласица“, се работело за комплексна активност

Сѐ уште е неизвесно уште колку долго скопјани ќе возат по страничните ленти на мостот „Беласица“, затоа што мостот треба целосно да биде пуштен во употреба дури откако ќе заврши санацијата на долниот дел, односно на подлогата на која потоа треба да се монтираат новите топловодни цевки. Обврска да ја изведе санацијата, како што неодамна соопшти градоначалничката Данела Арсовска, има АД ЕСМ, така било договорено со Град Скопје. Но, зафатот уште не е започнат, затоа што, според ЕСМ, станува збор за комплексна активност.

 Поставувањето на новите цевки на мостот „Беласица“ и подготовката за нивна монтажа е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа. Очекуваме дека набрзо ќе започнат теренските активности при што ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок — велат од компанијата.

На прашањето од „Слободен печат“ дали тоа што не се поставени цевките на било кој начин влијае врз испораката на топлинска енергија во некои делови на градот, од ЕСМ тврдат дека не.

Многу домови, дури и цели населби, останаа без греење на стартот од грејната сезона која започна пред неколку дена. Жители од населбата Автокоманда се сомневаат дека причината е тоа што топловодот не е поставен на мостот „Беласица“. Но, од ЕСМ тврдат дека парно греење се испорачува во сите домови каде нема никаков дефект на внатрешната инсталација или во потстаницата на објектите.

За да може испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено во објектите на потрошувачите, потребно е куќните совети на колективните станбени објекти да овозможат непречен пристап на екипите на операторот на дистрибутивната мрежа во топлинските станица, да се обезбеди напојувањето на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација) и да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок — објаснуваат од ЕСМ.

Оттаму додаваат дека додека не се постави новиот цевковод на мостот „Белсица“ се користи алтернативниот вод на Железничкиот мост, кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ги испорачува ТЕ-ТО.

Но, токму за испораката на топлинска енергија од ТЕ-ТО поврзана со цевководот на „Беласица“ укажа претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој предупреди дека новата цена на парното греење зависи од цевководот и таа нема да се утврди додека не се санира мостот „Беласица“ и додека не се постават нови цевки. Тој нагласи дека нема да се дозволи граѓаните да плаќаат повисока цена поради тоа што институциите не си ја завршиле работата и сѐ додека не се стави цевка, ќе важи ланската цена за парното греење.

Додека не видиме дека таму се почнати активности за поставување нови цевки, РКЕ нема да донесе одлука за нова цена на парното. Те-ТО ни е важен бидејќи 60 отсто од топлинската енергија ја обезбедуваме од него, а 40 од топланите во Скопје. Додека не видиме дека се почнати активностите, нема да донесеме одлука, кој сака нека трпи загуби, тоа е нивни проблем – рече Бислимоски, кој се надеваше дека зафатот на мостот ќе заврши пред почетокот на грејната сезона.

Но тоа не само што не се случи до 15 октомври, туку и неизвесно е кога ќе започне монтирањето на цевките и до кога Регулаторна ќе чека да се одреди нова цена на парното.

Како што е познато, мостот „Беласица“ во мај годинава беше оштетен од пожар, при што најмногу настрадаа топловодните цевки. Оттогаш тој неколку месеци беше затворен, а сега е само делумно пуштен во употреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот