
Ескобар утре во Скопје: Ни под „светски“ притисок ВМРО-ДПМНЕ нема да пушти глас за уставни измени?
За Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Ескобар е добредојден, ја обвини власта дека неговата посета сака да ја претстави како „булдожер-дипломатија“ и порача дека тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да врши, тогаш одбрал погрешен соговорник.
Главното прашање пред доаѓањето на Габриел Ескобар е дали заменик помошникот државен секретар на САД ќе ја „скрши“ ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја убеди да гласа за уставните измени. Високиот дипломат утре и задутре ќе престојува во Скопје и ќе се сретне со шефот на државата Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За власта, петок, за кога се закажани средбите со Ескобар, е денот „Д“ за можна пресвртница во врска со уставните измени. Опозиционерот Мицкоски, пак, порача дека Ескобар е добредојден и дека ќе му ги изложи своите аргументи, а ја обвини власта дека неговата посета сака да ја претстави како „булдожер-дипломатија“, дека тој на повик на Владата ќе врши тортура и притисок врз опозицијата.
– Во изминатиов период имавме многу посети од високи странски претставници. Отприлика содржината на состанокот се наѕира – ќе ги слушнеме нивните аргументи, ќе ги кажеме нашите – така што секој добронамерен соговорник е добредојден ако сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на народот во Македонија. Тоа што власта се обидува посетата на Ескобар да ја претстави како булдожер-дипломатија, е веќе слабост на овие криминалци од Владата. Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат, тогаш одбрале погрешни соговорници – рече Мицкоски.
Тој повтори дека не е тајна дека меѓународни претставници вршат притисоци ВМРО-ДПМНЕ да го промени ставот за уставните измени.
– Ако мислите дека на состаноците разговараме какво е времето надвор од канцеларијата или читаме поезија, тогаш се лажете. Тоа се состаноци каде што сериозно ги аргументираме позициите, тие траат неколку часови и ВМРО-ДПМНЕ не го прави тоа затоа што е инаетлива, туку затоа што сме загрижени за постоењето на македонскиот народ, за неговата иднина и за иднината на Македонија и затоа, иако не бевме консултирани за предлозите, нудевме решенија кои власта не ги прифаќаше – рече Мицкоски.
Тој целосно се согласува со изјавата на американската амбасадорка во државава Анџела Агелер дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ. „Граѓаните се тие што се суверен во државата и тие треба на избори, што би се случиле час поскоро, да излезат и да кажат да за Европската Унија, но и да го одберат решението како да се дојде до тоа да“, вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува дека за неколку месеци ќе има нова влада и нова реалност, а актуелната власт треба да прифати предвремени парламентарни избори затоа што не може да го испорача тоа за што презела обврска надвор од легитимитетот.
Од изјавите на Мицкоски може да се заклучи дека ни посетата на американскиот дипломат Ескобар нема да ги смени позициите на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Тој од Кичево индиректно ја најави оваа посета кога порача дека Европа и светот прават стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за опозициските пратеници да гласаат за уставните измени и дека партијата е соочена со историски предизвик.
– Европа, светот, прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и оние 44 пратеници да изгласаат предавнички уставни измени. Немојте да мислите дека е лесно. Не е лесно. Силна борба се води за да се одбрани честа на македонскиот народ, кого овие корумпирани, ситни владини функционерчиња го продадоа. Ќе се бориме, не знам дали ќе успееме, можеби нас ќе нè нема, но ќе се бориме и ќе издржиме. Јас ветувам дека уставни измени под бугарски диктат нема да има – изјави Мицкоски.
Дека се мали шансите за промена на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е и повторениот став на Мицкоски дека ќе замине од политиката ако само еден пратеник од неговата партија гласа „за“.
Впечатливо е дека и првпат претставник на Владата е скептик дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени. Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ вели дека она што и него и поголемиот дел од јавноста ги плаши е дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да гласа за уставни измени ни сега ни по изборите.
– Не ми се чини дека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ искрено сакаат членство во ЕУ и се плашам дека нема да гласаат за уставните измени ниту сега, ниту евентуално по изборите – изјави Маричиќ.
Според него, не е добро да се чека подобар предлог, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, зашто искуството вели дека во минатото од чекање сме имале само штета.
– Сепак, отворени сме за предлози како да се надмине проблемот во интерес на евроинтеграцискиот процес. Од ВМРО-ДПМНЕ велеа дека треба да се бараат и нови гаранции дека за земјава нема да има нови условувања ако уставните измени поминат, дури и за тоа сме подготвени да се разговара, иако, всушност, имаме гаранции дека нема да има нови барања што ќе го условат нашето членство – рече Маричиќ.
Според Маричиќ, постојат два начина како да се дојде до уставни измени: ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да одлучи да даде поддршка под одредени услови за кои беше разговарано пред два месеца на лидерската и вториот начин е дел од пратениците да одлучат да гласаат, како што имавме случај пред пет години за Преспанскиот договор
– Јас не гледам трет начин, можеби постои, но тие се двете опции. Изборите не би можеле да сменат нешто. Ние ќе работиме на двете нивоа, сметам дека не е невозможно, напротив мислам дека е возможно. Имаме доволно време и простор за да дојдеме до решение. Ќе повторам, прашањето е премногу важно за да му се земе кусур на кого било доколку го смени мислењето за одредено време – рече Маричиќ.
Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по почетокот на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, како услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.
Пленарната седница за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот почна на 18 август. Дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
За усвојување на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, што е единствена точка на 123 седница, неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази за промена на Уставот.