
Есента носи пократки денови и потемни вечери: Како да се справиме со сезонската тага?
Со доаѓањето на есента, деновите стануваат пократки, утрата постудени, а вечерите потемни. Нашето тело веднаш го чувствува тоа – од потребата за подолг сон, преку зголемен апетит и желба за тестенини и слатки, па сè до промена на расположението, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Недостатокот на светлина влијае врз многумина – околу еден од дваесет возрасни лица развива сезонско афективно нарушување (познато како сезонска депресија), а милиони луѓе ширум светот искусуваат поблага форма, таканаречена „зимска тага“.
Еден од најефикасните начини за ублажување на симптомите е терапијата со светлина. Психијатарот д-р Дороти Сит од Универзитетот „Нортвестерн“ објаснува дека изложувањето на силна светлина наутро „извонредно ги намалува симптомите на сезонската депресија“.
Во пракса, тоа изгледа вака:
- се седи пред специјална светлосна ламба со јачина од 10.000 лукси,
- трае околу 30 минути секое утро,
- светлото се насочува под агол кон очите,
- подобрување може да се почувствува веќе по една недела,
- редовното користење дава трајни ефекти во текот на есента и зимата.
Истражувањата покажуваат дека терапијата со светлина е подеднакво ефикасна како и класичните антидепресиви, а во комбинација со лекови може да донесе уште подобри резултати.
Нашиот биолошки часовник, циркадијалниот ритам, зависи од дневната светлина за да го регулира сонот и будноста. Професорот Мајкл Термaн од Универзитетот „Колумбија“ вели: „Утринската светлина го ресетира нашиот внатрешен часовник и го синхронизира со надворешниот свет“. Затоа е клучно да „фатиме“ што повеќе утринска светлина – било природна, било преку ламба.
Центарот за еколошки терапии препорачува:
- ламба со јачина од 10.000 лукси,
- поголем екран за постабилна доза светлина,
- правилно позиционирање за да се избегне отсјај,
- почнување со 30 минути и прилагодување на времето (не повеќе од 45 минути).
„Светлината мора да се дозира, исто како и лек“, вели проф. Термaн.
Иако светлосната терапија може да помогне и кај поблаги форми на сезонска тага, лекарите предупредуваат дека таа не е доволна сама по себе. Хладното време, снегот и поминувањето на повеќе часови во затворен простор често водат кон социјална изолација и дополнителна тага.
Затоа е важно да се негуваат и други навики:
- редовна физичка активност,
- здрава исхрана,
- дружење и смеење,
- хобија и активности што поврзуваат со луѓето.
Истражувањата покажуваат дека овие навики можат да го преполоват ризикот од развој на депресија.