
Есенското издание на „Денови на македонска музика“ носи премиерни изведби и стилска разновидност
Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ го најави 48-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, кое ќе се одржи од 29 септември до 16 октомври во Филхармонија, Националната опера и балет и во Музејот на македонската борба.
Препорачано
Откако првично беше закажан за периодот март-април, фестивалот „Денови на македонска музика“ (ДММ) беше одложен за есенскиот период и ќе се реализира со прилагодена програма, нудејќи богат избор на премиерни изведби и стилски разновидни музички дела. Куратор на годинашното издание е композиторот Филип Иванов.
Со својата препознатлива програмска концепција, ДММ нуди продлабочен увид во актуелните тенденции на македонската музичка мисла, истражувајќи нови форми на музичка експресија и креација. Публиката ќе има можност да ги проследи креативните остварувања на македонските композитори низ изведбите на реномирани уметници и ансамбли, кои заедно придонесуваат во обликувањето на денешната современа музичка сцена.
Манифестацијата што полека заокружува петдецениско постоење е од исклучително значење за целокупната македонска музичка култура и уметност, и директно влијае врз нејзиниот развој, усовршување, но и врз нејзиното афирмирање и доближување до светските музички трендови.
Деновите на македонската музика повторно ќе отворат прашања за релациите меѓу локалното и глобалното, традицијата и современиот израз. Оваа симбиоза ќе биде претставена преку селектираните дела, но и преку традиционалните меѓународни соработки, што ја ставаат македонската современа музика во поширок контекст.
На десет концерти ќе бидат претставени дела од повеќе од 30 македонски автори. Ќе настапат седум ансамбли и камерни состави, како и повеќе од 30 солисти, а свеченото затворање на фестивалот со оркестарот на Филхармонија ќе биде во знакот на одбележувањето на два големи авторски јубилеи.
Програмата на ДММ 2025 опфаќа дела од различни творечки периоди на македонската уметничка музика и автори од повеќе генерации. На тој начин се нагласува континуитетот на современата македонска музичка мисла, нејзината динамика и отвореност кон современите естетски текови. Иако делата се разликуваат по стил и авторска поетика, нив ги поврзува заедничка идејна нишка – тие ја афирмираат препознатливоста на македонското музичко творештво, во сите негови форми.
Како што беше и првично најавено, во фокусот на годинашното фестивалско издание ќе биде одбележувањето на јубилеите на композиторите Властимир Николовски (100 години од раѓањето), Стефан Гајдов (120 години од раѓањето) и Кирил Македонски (100 години од раѓањето), автори и дејци што имаат клучна улога во формирањето на современиот македонски музички израз.
Меѓу ансамблите и уметниците во програмата оваа година се запишуваат: Фестивалскиот камерен оркестар под диригентство на Иван Еминовиќ, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентство на Ангел Спироски, гудачкиот квартет „Атака“, Македонската филхармонија со маестро Борјан Цанев, дувачкиот квинтет „Philharmonic5“, дувачкиот квартет на ансамблот „Консонанс“, како и меѓународните гости – пијано триото „Astnide“ од Германија. Традиционално, фестивалскиот подиум ќе им биде отстапен и на најмладите – композиторите и студентите по музика.
Фестивалот ќе биде отворен на 29 септември, со почеток во 20 часот, во Камерна сала на Филхармонија. На програмата се композиции на Дарија Андовска („PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“), Валентина Велковска Трајановска („Зора“), Панде Шахов („Езера“), Властимир Николовски („Стари танци“), Кирил Македонски („Адаџо“). Композициите ќе ги изведе фестивалскиот камерен оркестар под диригентско водство на Иван Еминовиќ.
Фестивалот е под покровителство на Претседателот Гордана Сиљановска Давкова и финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам. Автор на графичкото решение на 48. „Денови на македонска музика“ е Владимир Лукаш. Влезот на сите настани е слободен.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)