
Есапот со гласовите почна да се ситни во Брвеница
Ја слушнав изјавата на Касами и можам да кажам дека, за жал, влегува во фолклорот на опозициската ДУИ без потреба. Моја препорака до него е дека етничките поделби и тензии не се алатка за да се привлече внимание во јавноста за да се добијат гласови, туку треба да зборува за проектите во Тетово кои заедно, со поддршка на Владата, се направени за сите, изјави Мицкоски во Брвеница
Уште непочната кампањата за локалните избори, владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди си разменија „воспитни“, иако предизборно се договорија за меѓусебна поддршка во некои општини. Оттука се отвора дилемата дали и колку договорот меѓу владините партнери реално ќе функционира на терен, односно колку калкулираните гласови ќе успеат да ги испорачаат на денот на изборите.
Препорачано
Премиерот Христијан Мицкоски не му остана должен на владиниот партнер од Вреди Билал Касами за повикот „Албанците да си ја вратат Брвеница“, општина со етнички мешано население, а со која раководи Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако Брвеница не е меѓу договорените општини за меѓусебна поддршка, бидејќи таму кандидати за градоначалници имаат и ВМРО-ДПМНЕ (актуелниот Илиевски) и Вреди (Хаќим Рамадани, кој е директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа), очекувањата се, особено на Касами, кој оди на втор мандат за Тетово со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, двете страни да се воздржат од националистички испади.

– Битно е Јовица да го поддржуваат жителите на Општината, а жителите и Албанци и Македонци, го поддржуваат градоначалникот. Ја слушнав изјавата на Касами и можам да кажам дека, за жал, влегува во фолклорот на опозициската ДУИ без потреба и моја препорака до него е дека етничките поделби и тензии не се алатка за да се привлече внимание во јавноста за да се добијат гласови, туку треба да зборува за проектите во Тетово кои заедно, со поддршка на Владата, се направени за сите – и за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, а овде во Брвеница кандидатот на коалицијата Вреди треба да зборува за проекти кој тој ќе ги направи. Тоа е политика на минатиот век и мислам дека таа политика не му носи предност никому – рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека градоначалникот на Брвеница е космополит, дека ја има поддршката од сите заедници во општината и дека по вторпат ќе биде градоначалник. Според премиерот, поделбите не носат иднина и мора да разбереме дека обединувањето, заедништвото е тоа што треба да биде заеднички именител на сите во Брвеница. Граѓаните да оценуваат што е сработено, а не да оценуваат врз основа на етничката припадност.
Ова не е прв судир меѓу Мицкоски и Касами. Тетовскиот градоначалник не реагираше кога му беше домаќин на косовскиот премиер Албин Курти, а во толпата се вееше знамето на „Голема Албанија“.
Касами повика Брвеница „да им се врати на Албанците“
Касами пред два дена од собир со граѓаните упати повик да ја вратат Брвеница на Албанците.

– Јас би го упатил повикот за опозициските партии, но и за независниот кандидат, во Брвеница да го поддржат само кандидатот кој е за граѓаните, во Брвеница да го поддржат Хаќим, ако навистина сакаат да покажат дека се за тоа Албанците кои се во оваа општина да се вратат и да бидат предводени од претставникот на заедницата, мнозинството Албанци во Брвеница – порача Касами.
Аднан Азизи, пратеник на движењето Беса чиј лидер е Касами, пак, на отворањето на штабот на Вреди во Тетово порача дека ќе ги запре сите „проекти на Словените“. Тој рече дека Вреди е на страната на Албанците и дека ќе го стопираат секој „српски проект“ кој, според него, им штети на Албанците, а ги фаворизира Словените. Азизи од говорницата со рацете направи двоглав орел.

– Не! Ние рековме не на „Отворен Балкан“ и ние сме на страната на Албанците. Ги попречуваме српските проекти што им наштетуваат на Албанците, а им одат во прилог на Словените. Ние сме ова и се фалиме со нашите ставови и дела – порача Азизи од Тетово.
За Мицкоски, Азизи е политички небитен.
– Изјавата што ја дал тој што го споменувате, тој нема никаква политичка моќ да одлучува за процеси и текови во државата – рече Мицкоски.
Виси и поддршката на Вреди за Димитриевски
ВМРО-ДПМНЕ и Вреди договорија меѓусебна поддршка во повеќе општини. Партијата чиј лидер е Мицкоски ќе нема кандидати за градоначалници во Тетово, Гостивар, Струга, Сарај, Чаир… додека Вреди – во Бутел, Гази Баба, Крушево, Ресен, Ѓорче Петров…
Во Кичево и двете партии номинираа свои кандидати, а Вреди излезе со кандидат и во Скопје, иако ВМРО-ДПМНЕ се надеваше на поддршка од владиниот партнер за Орце Ѓорѓиевски уште во првиот круг.
Според партиски извори, виси и поддршката на Вреди за лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, за нов мандат, поради, како што велат, националистичката реторика на Димитриевски.
Впечатливо е дека Вреди не го „гледа“ национализмот во своите редови. Касами лани доби пријава за неинтонирање на државната химна и за неистакнување на државното знаме, а неговиот коментар на Фејсбук тогаш беше дека тоа претставува „обид за „заплашување“, односно дека со вакви дела „им се зголемува храброста“.