Ердоган го повика Бајден да посвети внимание на американско-турските односи

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го повика новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, да посвети должно внимание на турско-американските односи, јави агенцијата Анадолија.

– Веруваме дека новиот претседател на Америка, господин Бајден, исто така, ќе посвети должно внимание на турско-американските односи. Немаме предрасуди, непријателство или анимозитет кон никого”, порача Ердоган во обраќањето пред парламентарната група на Партијата за правда и развој (AK Parti).

– До денес, трчајќи се приближувавме до оние што правеа само еден чекор кон нас. Ние ја одржуваме истата искреност и оптимизам”, рече тој.

Ердоган додаде дека Турција ќе продолжи да работи за мир, правда и просперитет во регионот.

Турскиот претседател, исто така, рече дека Турција се надева дека ќе отвори ново поглавје во односите со ЕУ и САД во новата година.

– Ние не гледаме на нашите разновидни политички, економски и воени врски како алтернатива на нашите добро воспоставени односи со САД. Исто така, се надеваме дека ЕУ ќе се ослободи од своето стратешко слепило што ја оддалечува Турција [од Унијата]”, нагласи Ердоган.

На 14 декември, САД воведоа санкции за Турција поради нејзиното купување на рускиот систем за ракетна одбрана С-400.

Американските официјални лица се противеа на договорот, тврдејќи дека системите С-400 би биле некомпатибилни со системите на НАТО и би ги изложиле воените авиони Ф-35 на можна руска саботажа.

Турција нагласи дека системот С-400 нема да биде интегриран во НАТО-системите и не претставува закана за Алијансата или за нејзиното наоружување.

Турските власти повеќепати предлагаа создавање работна група за испитување на проблемот со техничката компатибилност на системите.

Извор:МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот