
ЕП 2024: Чудесната Хрватска ја декласираше Шпанија во Манхајм
Стартуваа возбудувањата во групата „Б“ на Европското ракометно првенство, иако Шпанија на хартија беше фаворит, на натпреварот во Манхајм доживеа дебакл против Хрватска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Коцкестите“ ја надигра црвената „фурија“ со конечен резултат 39:29, на паузата водеа со 18:14.
Хрватска фантастично влезе во натпреварот. Избраниците на тренерот Горан Перковац водеа со 5:1, имаа и 11:6, а во 17 минута имаа предност од 12:6. Хрватска во првите 20 минути играше ефикасно во нападот, а цврсто во одбраната. Во финишот на првиот дел темпото на Хрватите малку падна, што европските вицешампиони го искористија намалувајќи на 18:14 на полувремето.
Хрватска одлично го започна продолжението, која го отвори вториот дел со серија од 4:0 за 22:14. Во 35 минута, хрватските ракометари веќе имаа и девет гола позитива (24:15), а во 50 минута разликата порасна на двоцифрени „плус 11“ (34:23).
Најефикасни со по осум голови кај Хрватите беа Мартиновиќ и Шоштариќ, а истиот учинок на спротивната страна го имаше и Гомез.
Во вториот меч од оваа група, Австрија триумфираше над Романија со 31:24 предводена од Фримел со шест погодоци, а кај поразените ист ефект запиша и Григораш.
Заврши првото коло и во групата „Ц“, репрезентацијата на Унгарија со 26:24 ја совлада Црна Гора. За Унгарците Банхиди беше прв стрелец со седум голови, а по шест за Црногорците забележаа Борозан и Драгашевиќ.
Претходно во еден крајно драматичен меч во истата група, ремизираа репрезентациите на Србија и Исланд (27:27).