Австрија далноводи, струја/ EPA-EFE/MAURITZ ANTIN

Енергетска реформа во Австрија: Што следува?

Новото Aвстриско законодавство за електрична енергија претставува обид за модернизација на електромрежата, но истовремено носи големи предизвици за производителите на обновлива енергија. Додека некои мерки ја поттикнуваат дигитализацијата и социјалната праведност, други можат да го забават зелениот енергетски премин. Вистинските ефекти ќе зависат од имплементацијата, но и од тоа дали индустријата и државата ќе најдат заеднички јазик.

Австрија подготвува голема реформа во електроенергетскиот систем. Со предложениот Закон за електрична енергија, владата најавува ново оперативно системско решение за електричната мрежа, а целиот проект до 2040 година се проценува на околу 50 милијарди евра. Сепак, новите одредби веќе предизвикаа бурни реакции, особено кај претставниците на обновливите извори на енергија – соларната и ветерната индустрија.

Зошто нов закон?

Причините за новата регулатива се технички, економски и политички. Од една страна, Австрија мора да ги имплементира најновите ЕУ-директиви, а од друга , брзиот развој на технологиите за складирање енергија (батерии) и масовното ширење на соларни и ветерни извори наметнуваат нови предизвици за електричната мрежа.

Покрај тоа, системот за дистрибуција мора да се адаптира за да се справи со новите оптоварувања и капацитети, особено во услови кога се очекува значително зголемување на потрошувачката, што засега не се случува со предвиденото темпо.

Најголем дел од австриските домаќинства нема да почувствуваат директно намалување на цените на струјата, но околу 250.000 социјално ранливи корисници ќе добијат субвенциониранa тарифa од 6 евроценти по киловат-час. Ова важи за приматели на минимална пензија, социјална помош и лица со надомест за грижа. Важно е да се нагласи дека невработените не се опфатени со оваа мерка.

Што се однесува до останатите потрошувачи, законот утврдува нови правила за промена на цените ,кога и како компаниите можат да ги покачат или намалат тарифите но не ја ограничува нивната ценовна слобода.

Кој ќе ги плати трошоците за мрежата?

Изградбата и одржувањето на мрежата е скапа , се проценува дека до 2040 ќе бидат потребни 53 евра. Зголеменото користење на фотоволтаици и ветерни централи бара постојано проширување на мрежните капацитети.

Потрошувачите веќе сносеа голем дел од товарот, со зголемени мрежни такси за домаќинствата дури и над 20% само во последната година. Новиот закон предлага делумно пренасочување на овие трошоци кон производителите на струја.

Една од најспорните одредби предвидува контрола на испораката на електрична енергија од новите ветерни и соларни извори, со што операторите на мрежата добиваат право да го намалат внесот на енергија во системот во периоди на високо производство.

Австрија, ветерници / EPA/CHRISTIAN BRUNA

За ветерните паркови, ограничувањето е до 15%, а за соларните централи до 40% од нивната максимална моќност. Целта е да се намали оптоварувањето на мрежата во периоди на високо производство.

Индустријата реагира остро. Здружението IG Windkraft предупредува дека ова ќе ги обесхрабри инвестициите и ќе предизвика загуби што би можеле да опфатат домаќинства со еквивалент на годишна потрошувачка за 60.000 домаќинства. Соларните здруженија пак, обвинуваат дека ова е скриена поддршка за фосилните горива, особено гасот.

Нови правила за батерии и локална трговија со енергија

Новите правила што предвидуваат ослободување од мрежни такси за големи батерии и дозволуваат директна продажба на струја надвор од енергетски заедници може да поттикнат нови инвестиции , особено кај мали производители и домаќинства со фотоволтаици. Следењето на потрошувачката на секои 15 минути нуди дополнителна контрола и транспарентност.

Сепак, остануваат предизвици. Не е јасно кои батерии ќе се сметаат за „системски корисни“ услов за ослободување од такси. Големите компании стравуваат дека ќе бидат принудени да вложуваат во батерии, што може да доведе до дополнителни трошоци или обиди за доминација и на овој сегмент од пазарот.

Во суштина, мерките се ветувачки, но успехот ќе зависи од фер регулатива и пристапот до инвестиции за сите учесници.

За усвојување на новите законски измени е потребно двотретинско мнозинство, што значи дека без поддршка од опозицијата реформите нема да можат да се реализираат. Воведувањето на социјалната тарифа е планиранa за 1 јануари 2027 година, додека новите тарифни модели ќе се воведуваат постепено. Овој постепен пристап ќе овозможи подобро прилагодување и гарантира сигурност и стабилност како за потрошувачите, така и за производителите на енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот