
Еквадорска политичарка убиена среде бел ден
Еквадорска политичарка е убиена среде бел ден пред толпа луѓе, само неколку моменти откако завршила состанок, пренесува Мирор.
Препорачано
Дијана Карнеро (29) претседавала со состанок на советот во градот Наранџал во средата попладне и снимала видео за лошите услови на патот кога била нападната.
Двајца осомничени ѝ пришле со мотор, ја застрелале во главата и побегнале, соопшти полицијата. Националното обвинителство на Еквадор најави дека ќе отвори истрага, но засега не ги откриле сторителите.
Дијана Карнеро била претставничка на партијата Демократски социјалисти, а од неа со пораки на социјалните мрежи се простија многу колеги. „Дијана имаше само 29 години, сочувство до семејството. Ова е ноќна мора и срам за целата земја“, напиша поранешниот еквадорски претседател Рафаел Кореа.
Еквадор е во канџите на криминалот поврзан со банди и трговци со дрога во последниве години. Еквадорците се загрижени дека насилството само ќе ескалира во земјата, каде минатата година беше убиен претседателски кандидат. Пред две недели, претседателот Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба и војна против бандите, овластувајќи ја војската да дејствува против нив. Многу луѓе остануваат дома, а училиштата и продавниците се затворени додека војниците патролираат по улиците на најголемите градови во Еквадор.
Во последниве години, најмалку четворица високи еквадорски политичари беа убиени во Еквадор.