
Експерти откриваат: Шест вообичаени работни навики може да бидат знаци на АДХД кај возрасните
АДХД или нарушување на хиперактивноста со дефицит на внимание, често не се лекува во возрасните години. Иако се проценува дека приближно десет милиони луѓе само во САД го имаат, само еден од десет луѓе се лекува. Многу возрасни лица со АДХД имаат успешна кариера, но состојбата може да создаде и предизвици на работа. Импулсивноста, хиперактивноста и невниманието се најчестите карактеристики на АДХД, иако симптомите варираат, пишува „Хафпост“.
Препорачано
„Секое лице со АДХД е уникатно, а симптомите може да варираат од личност до личност. Додека едно лице со оваа состојба можеби нема да ужива или да напредува во еден тип на кариера поради нивните симптоми, друго може да успее на истата позиција“, изјавил социјалниот работник Шон Абрахам.
Подолу се дадени карактеристиките на личноста и работните навики кои вообичаено се поврзуваат со АДХД, според експертите.
Потребата сè да биде совршено
Луѓето со АДХД лесно може да се помешаат со вработени со перфекционистички тенденции.
„АДХД влијае на делот од мозокот кој контролира како го насочувате вашето внимание. Кај луѓето со АДХД, таа контролна област не работи правилно. Така тие навистина не можат да се фокусираат на она што треба да го направат“, објаснил психологот Деде О’ Шеј.
Одложување до последен момент
„Одложувањето до последен момент може да се припише на тешкотиите со извршното функционирање и навремено структурирање на задачите. За вработените со АДХД, неможноста да се запазат роковите често може да биде резултат на анксиозност“, рекол професорот по психијатрија Дипти Анбарасан.
Постојано доцнење на состаноци и работа
Луѓето со АДХД може да имаат проблем да дојдат на состаноци и да работат на време, и покрај нивните најдобри напори. Едноставно им е тешко да ги исполнат роковите бидејќи не можат да проценат колку време ќе им треба да стигнат до каде што сакаат.
Тешкотии во функционирањето во стресни ситуации
Според О’Шеј, префронталниот кортекс на мозокот го контролира вниманието и емоционалните реакции, а кај луѓето со АДХД таа област може да биде недоволно развиена.
„Кога не можат да ги контролираат сите различни мисли, сите различни емоции кои се случуваат во стресни ситуации, може да има дисрегулација, некаков ментален слом. За некои тоа ќе се манифестира во форма на испади, емоционални реакции и раздразливост“, објаснил О’ Шеј.
Испраќање е-пошта полни со грешки
Луѓето со АДХД може да имаат проблеми со фокусирањето и имаат тенденција да брзаат. Поради ова, тие често не можат да го контролираат вниманието кое им е потребно за читање и обработка на сите информации пред нив.
„Тешко им е нивниот мозок да остане доволно долго стимулиран за да ги извршува овие особено здодевни задачи, како што се читање е-пошта и минување низ документите. На мозокот на лице со АДХД му треба многу стимулација“, додал О’Шеј.
Тешкотии во спроведувањето на креативните идеи
Луѓето со АДХД обично наоѓаат креативни решенија за проблемите, но поради нарушено извршно функционирање, може да имаат проблем да ги имплементираат.