
Експериментални филмови на Илија Павлов: Цел ми е секој филм да биде комплетно различен од претходните
Мултиталентираниот филм-мејкер Илија Павлов е комплетен автор на своите филмови: од сценарио до режија, монтажа и камера, продукција и монтажа на звук.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Познат е по експерименталните филмови, а во Кинотеката месецов имаше проекција на шест негови кратки играни и документарни остварувања, што ги направи од 2014 до 2019 година, целосно различни и по формата и по содржината.
Младиот автор Илија Павлов е роден во 1994 година во Скопје. На 18 години го снима својот прв краток филм „Поинаков свет“, со кој е примен на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана. Потоа ја основа продуцентската куќа „Персона филм“ и преку неа ги продуцира своите филмови.
Низ разговор за „Културен печат“, Павлов потенцира дека за него секој филм е експериментален, поради „мистериозноста на самата идеја преточена во филмски јазик на специфичен начин“. Еден од позначајните е „1963: Добра ноќ Скопје“, документарец за катастрофалниот земјотрес, во кој комбинира инсерти од „Скопје ’63“ и архивски снимки од „Јадран филм“, што не влегле во финалната верзија на документарецот на Вељко Булајиќ од 1964. Павлов, кој се чувствувал должен на Скопје во кое израснал, најпрво сакал да направи долгометражен игран филм за земјотресот, но сѐ уште чека на сериозни продуценти и инвеститори.
– Создавањето на филмот почна додека работев за дистрибутерската куќа „Wild Bunch“ во Берлин, каде што добив можност за реставрација и дигитализација на филмски ленти од негатив, па тоа се поврза со идејата за филм за земјотресот. Најпрво собрав фотографии и снимки, па одредив што да се реставрира и дигитализира и излезе филм со силна структура, каква досега не е видена на темата. Имав материјал за уште 10 минути, но симболиката беше многу поважна: филмот трае 26 минути, бидејќи земјотресот се случил на 26 јули. Сѐ мистериозно се случило со некоја причина. Болката за загинатите останува, но градот засекогаш го губи чувството на она што некогаш бил – нагласува Павлов.

Инаку, Павлов е комплетен автор на своите филмови: од сценарио, до режија, монтажа и камера. Освен тоа е продуцент и монтажер на звукот, фази за кои вели дека му се најголем предизвик. Истиот пристап го има и на својот прв долгометражен филм, и не планира да го смени.
– Апсолутно не е идејата дека Илија е егоистичен и дека не може да работи со други, туку дека правењето филм ми е можност што не би ја пропуштил за да го научам филмскиот процес во сите свои фази и да понесам комплетна одговорност за него – објаснува Павлов.
Тој додава дека планот за годинава му е да го заврши долгометражниот игран филм „Преродба: Гласот на тишината“ и да сними уште два долгометражни филмови: „Космички танц“ и „Некогаш бев човек на луѓето“. Филмот „Преродба: Гласот на тишината“, кој е во завршна фаза, го снима во Љубљана со средства заработени од ангажманот во „Wild Bunch“, а во моментов работи на звукот.

Павлов открива дека приказната, која наместо да дава одговори, поставува прашања, ја следи комуникацијата на младиот Павел, кој го губи слухот, и неговата девојка и светла точка, Касиа, со која отвораат теми за постоењето, сеќавањата, психоделијата, повисоката и неидентификуваната интелигенција, реинкарнацијата и искрената љубов: да сакаш некого, без да очекуваш ништо за возврат.
– Додека го пишував/мислев филмот, влечев инспирација од филмовите и начинот на живот на Андреј Тарковски, Стенли Кјубрик, Ингмар Бергман, Павел Павликовски, Питер Гринавеј и Дејвид Линч. На некој чуден начин, филмот е омаж за нивното постоење, пред сѐ, како луѓе – објаснува Павлов.
Филмот „Космички танц“ е за Паулина од Полска, која патува во Скопје каде што пораснал дедо ѝ и започнува љубовна авантура со тукашната проблематична девојка Алекс. Паулина се обидува да ѝ помогне на Алекс да ги прифати своите проблеми на чуден и нејасен начин, што сепак, функционира, но само една ќе го преживее. Павлов ни откри дека централна тема на филмот е моќта над друга личност, како и фактот дека сите интелектуалци ги поврзува стравот да поседуваат моќ, што најчесто се користи за уништување.
– „Некогаш бев човек на луѓето“ е за младиот Емил, кој за да ги реши егзистенцијалните проблеми работи како таксист, пренесувајќи секакви патници. Сите тие знаат што е најдобро за Емил, а не знаат што е најдобро за себе. Емил не знае, не сака да знае, сѐ додека не посака, и во тој момент се раѓа една нова личност во него, а за тоа се криви сите освен Емил – ни открива овој млад и харизматичен автор.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 118, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 февруари 2022)