Фото: Приватна архива

Ексклузивно интервју со Тајчи: Премолчив дека ме силуваа за да се заштитам, се мразев себеси, а не предаторот

И по 33 години откако го испеа евергринот „Хајде да лудујемо“, Татјана Матејаш, сега Камерон – Тајчи, гордо го облекува истото портокалово фустанче со кое во 1990 година победи на тогашниот југословенски избор за Песна на Евровизија. Токму тоа што доживеала вртоглаво брза популарност, сите сакаа да бидат како неа и ја доживуваа како кукла, на хрватската пејачка многу ѝ пречело. При крајот на 90-тите Тајчи замина во потрага по нова среќа во Америка и денес со гордост се сеќава дека на почетокот работела и како хигиеничарка и како секретарка. Денес е мајка на тројца возрасни синови, во среќна врска со нејзиниот колега Дејвид, кого синовите, по смртта на нивниот татко, го прифатиле како доживотен пријател на мајка им. За загубата на сопругот, траумите со кои се соочила по силувањето како помлада, психотерапијата по која го повратила менталното здравје, активниот живот што го живее и музиката, Тајчи од Тенеси во САД, искрено зборува за „Слободен печат“ .

Дали често се сеќавате на времето кога бевте во зенитот на популарноста, како денес Ви изгледа Тајчи од времето на „Хајде да лудујемо“, дали тоа време го чувствувате за блиско или далечно?

– „Хајде да лудујемо“ е песна што денес се пее исто како и пред 30 години. Тоа го знаат и старите и многу помладите. Летово, во текот на мојата посета на Загреб, запознав деветгодишно девојче кое победи на детски натпревар со оваа песна, кога имаше можеби пет или шест години. Значи, дури три децении потоа, таа енергија што се пренесува преку песната ги зближува генерациите како сѐ да се случило вчера.
Речиси и да нема ден некој поранешен обожаватeл да не ме израдува со некое сеќавање – што придонесува и за чувството дека никогаш не сме далеку – ниту еден од друг, ниту од радоста и песните што нѐ обединуваат.

Тајчи во 1990 година, на тогашниот југословенски избор за „Евросонг“ / Фото: Скриншот/Јутјуб

Го облековте познатиот портокалов фустан за снимањето на новата верзија на евровизискиот хит. Која беше Вашата прва мисла кога го облековте, дали со селењето во Америка и фустанот го земавте со Вас?

– Прво нешто што помислив беше: колку сум била слаба, а тогаш мислев дека сум дебела, хаха. Потоа му се заблагодарив на моето тело што ме послужи како што е и ми беше драго што не бев оптоварена со мојот изглед. Решив да не го закопчам фустанот, туку да му ставам еластични продолжетоци, кои ќе ги прикажам во последниот кадар од видеото. Сакав да ги инспирирам другите жени да се чувствуваат добро во сите големини и форми. Треба да се грижите за вашето здравје и да се чувствувате добро, а не да форсирате некоја ограничувачка униформа и дефиниција за убавина.

Што точно Ве натера да го напуштите стариот живот, популарноста, татковината и да заминете во далечна земја во потрага по нова среќа?

– Најмногу ме мотивираше стравот дека ќе заглавам во таа популарност и дека нема да имам можност слободно да растам и да се менувам. Не сакав да бидам и да останам Барбика. Ако сте го гледале филмот, ќе сфатите на што мислам.

Друга мотивација беа моите обожаватели – илјадници девојки што доаѓаа на моите концерти, деца што ми пишуваа писма дека кога ќе пораснат, сакаат да бидат како мене. И јас не сакав да им бидам пример како да им бидам кукла – убава, секогаш насмеана, која молчи и дозволува другите да си играат со неа, туку силна личност со свои ставови, граници и силен глас. Сакав мојот живот да биде порака за автентичност и сведоштво за храброста да го следиме нашиот сон и нашиот пат, кој е многу покомплексен и духовно побогат од типичните среќни завршетоци на принцезите од цртаните филмови на „Дизни“.

Фото: Приватна архива

Каков беше Вашиот американски почеток, дали секогаш се занимававте само со музика или работевте и други нешта за да можете да ги покриете трошоците во новата средина?

– Кога бев на Академијата во Њујорк, ги работев типичните њујоршки работи што ги прават актерите. Сакав да поминам низ тоа искуство. Некако ми изгледаше романтично и преку тоа научив многу. Мојата прва работа беше чистење на студијата за танц на Бродвеј и добив плата во форма на бесплатни часови по танц. Работев и на гардеробата во еден џез-ресторан, и како келнерка и водителка. Најинтересната работа за мене беше како привремена помош – агенцијата ме испрати во големи компании како „Сони“, „Ен-би-си“ и „Си-би-ес“ телевизија и издавачката куќа „МекГрау Хил“ каде што ги заменував секретарките и асистентите што не се појавиле на работа тој ден. Работев за познатиот новинар Волтер Кронкајт, чија лична секретарка веднаш ми понуди постојана работа – затоа што одлично се справив одговарајќи на неговите пораки од обожавателите (се смее).

По тој почетен период, најдов начин само да се занимавам со музика. Продуцирав свои концерти и емисии, резервирав термини и настапував на нив – најмногу за американската публика. Отворив сопствена фирма во 1997 година, под која продуцирав и концерти и издавав албуми преку мојата фирма.

Изгледа дека сега живеете помирен живот. Каде точно живеете, како Ви изгледа еден обичен ден кога не работите?

– Ха! Повеќето мои познајници не би се согласиле дека живеам помирен живот, хаха. Живеам во Френклин, Тенеси. Френклин е прекрасен историски град, 20 минути јужно од центарот на Нешвил. Хм… како изгледа денот кога не работам… Секогаш сум зафатена. Покрај настапите и продукцијата, пишувам неделен блог, водам клуб за музичари на платформата Patreon.com, волонтирам како член на одборот во организацијата Better Decisions каде што сум и ментор на затворениците во женски затвор, водам утрински медитации за група студенти и „коучинг“ клиенти, работа со луѓе како тренер за личен развој и здравје и секогаш имам некои други креативни проекти.

Од друга страна, сакам да шетам со мојата Луна (голден дудл), да ја обработувам мојата градина, да готвам, да гледам филмови, а бидејќи живеам во Нешвил, многу сакам да одам на концерти или да запознавам колеги.

Тајчи денес/ Фото: Приватна архива

Ве очекува голем концерт во Вашиот Загреб наскоро, што освен тој концерт подготвувате во овој период?

– Мојот следен голем настап ќе биде свечен концерт по повод 75-годишнина од државата Израел и 26 години дипломатски односи меѓу Хрватска и Израел. Настапувам во Загреб со Симфонискиот оркестар и навистина се радувам на тоа. За таа пригода, Моти Гилади и јас снимивме дует „Holding Out My Hand“ што го напишав со добитникот на Греми од Нешвил, Стив Лесли. Песната е прекрасна, а стилот е современ поп. Сакам да пеам џез и поп класици, но откако се преселив во Нешвил, се вљубив и во класичната кантри музика. Песните ги избирам според пораката и енергијата што ја носат. Сакам да создавам и да ширам само позитивна енергија.

Во една пригода отворено признавте дека сте биле жртва на силување. Кога се случи тоа, дали предаторот ја доби заслужената казна?

– Во тоа време бев тинејџерка и никому ништо не кажав за тоа до пред 10 години, кога конечно станав свесна за таа траума преку терапија и која со голема поддршка и ја излекував. Го турнав тоа длабоко во себе и долго време не можев да се соочам со она што ми се случи. Сакав да бидам некршлива и силна и се справив со мојата болка. Меѓутоа, необработените трауми кога-тогаш ќе излезат на површина – во форма на ментално, емоционално или физичко нарушување. Пораснав во време кога не се зборуваше многу за сексуалното насилство. Често сме слушнале дека жените се виновни. Затоа заклучив дека е моја вина затоа што требаше да бидам попаметна и повнимателна и се мразев себеси – а не тој човек што насилно ми одзеде дел од мене на кој немаше право. Од лични причини тогаш не побарав помош за да се заштитам себеси.

Отворено зборувавте и за тоа како се боревте и со депресијата – како ја надминавте, која е Вашата најголема ментална сила?

– Се борев преку психотерапија – неколкугодишна редовна терапија и работа на себе. Дневни вежби, медитација, работа со личен тренер што исто така ми даде многу алатки за ментално здравје. Мојата ментална сила денес доаѓа од свесноста и внимателниот живот. Дневни медитации и грижата за себеси. Менталната сила зависи и од емоционалната, физичката и духовната состојба на една личност. Затоа мораме да се грижиме за секој дел од нашето битие, да ги слушаме сигналите и да коригираме кога рамнотежата е нарушена.

Тајчи со мајка си, во Хрватска/Фото: Приватна архива

Откако почина Вашиот сопруг, самата се грижевте за синовите. Кој ви помогна најмногу во тие моменти?

– Мајка ми беше со нас речиси една година – откога се разболи мојот сопруг, до неколку месеци откако почина. Цело време се слушам со сестра ми, блиски сме, иако таа живее во Лос Анџелес, што е 2.000 милји од Нешвил. Имаше многу драги луѓе што ми помогнаа и ми беа при рака – неколку пријатели од Хрватска што живеат во близина, мои соседи и колеги. Секако, ми помогна и мојот психотерапевт.
Од друга страна, ми помогна тишината, медитацијата, сознанието дека и кога сме физички сами, не сме сами. Еднаш, додека мирно пешачев наутро, почувствував целосна беспомошност. Длабоко издишав и низ солзи гласно реков: „Немам доволно сила да воспитувам деца, да работам, да платам сметки и да останам здрава. И како што реков, еден посилен глас однатре ми одговори: ниту ја имаш таа сила ниту можеш да ја имаш затоа што телото ти е ограничено. Силата доаѓа од дрвјата, од сонцето, од земјата и од воздухот. Не треба да имате сила, само треба да се отворите за извор на сила кој не е неисцрпен и неограничен. Од тој момент ми беше многу полесно.

Тајчи редовно настапува со сестра си Сања/Фото: Приватна архива

Како се Вашите синови, колку години имаат, со што се занимаваат и дали сѐ уште живеете заедно?

– Многу сум горда на моите синови. Тие се прекрасни луѓе – го сакаат тоа што го работат, го најдоа она што ги исполнува и фокусирани се секогаш да помагаат некому и да го остават светот подобар отколку што е.

Најстариот син Данте има 23 години и работи како VR (виртуелна реалност) и е извонреден дизајнер за компанијата „Agile Lens“ од Њујорк. Тој живее во Савана, Џорџија, каде што студираше на Колеџот за уметност и дизајн во Савана (SCAD) и вели дека го живее својот сон (се смее).

Амадеус сега има 21 година и е до неговата последна година на колеџ (тој исто така посетува SCAD во Савана, Џорџија). Тој студира UX (корисничко искуство) и дизајн и веќе доби понуда за работа. Но, тој повеќе би сакал да работи за некоја агенција во Европа.

Блејс има 18 години и летото го помина на турнеја како снимател и монтажер за еден од најдобрите „Drum Corps“ бендови во Америка – „Boston Crusaders“. Наесен, тој оди на колеџ – SCAD во Атланта. Тој е многу талентиран и веќе добил неколку награди за својата работа.

Тајчи со синовите на кои е многу горда/Фото: Приватна архива

Каква домаќинка сте и колку време имате за себе, за некои Ваши ритуали. Дали имате место кое ви носи мир – некое само Ваше среќно место?

– По природа сум повеќе номад. Моето среќно место е во мене – со луѓето што ги сакам, околу масата каде што послужувам убав и вкусен ручек, на прошетка покрај море или по патеката во селото со моето куче, во Загреб со мајка ми или во кафуле со семејството и пријателите. На сцена или во соблекувалната со сестра Сања, каде што умираме од смеење. На улиците со Дејвид и бендот. Имам една соба во куќата која е како мала музичка соба – таму е моето пијано и таму сакам да седам и да свирам. Или да пишувам. Имам двор во кој  уживам, во раните утрински часови и навечер. Среќното место е насекаде кога ќе го најдеме и ќе го носиме внатре во себе.

Колегата Дејвид ѝ е животен партнер/Фото: Приватна архива

Како го запознавте Вашиот сегашен партнер Дејвид, како децата го прифатија на почетокот?

– Дејвид и јас свиревме заедно и се дружевме низ музиката пред да почине мојот сопруг. Не барав од моите синови да го прифатат на друг начин освен како мој музички партнер и доживотен пријател. На моите синови им беше мило кога дознаа дека не сум сама. Полесно им беше да одат на факултет и да тргнат по својот пат бидејќи знаат дека имам на кого да се потпрам, дека го имам Дејвид со кој денот го започнувам смеејќи се и го завршувам со музика и заемна љубов. Не сум романтичен тип, но ги сакам луѓето и го сакам животот. Дејвид ја изгуби мајка си кога имаше 17 години, па знаеше многу добро низ што поминуваат моите синови.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот