Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Економски форум за регионална соработка: Севeрна Македонија, Србија и Албанија-лидери на Балканот

Северна Македонија, Србија и Албанија се лидери во регионот во воспоставување нови економски односи на Западен Балкан. Дека тоа е така говори и претстојниот „Економски форум за регионална соработка“ што деновиве ќе се одржи во Скопје, а на кои ќе се присуствуваат македоснкиот и албанскиот премиер Зоран Заев и Еди Рама како и српскиот претседател Александар Вучиќ кои се иницијаторите на иницијативата досега позната како „мал шенген“. Претходниците на кабинетите на високите гости се веќе присутни во Скопје и помагаат во организацијата на овој значаен настан.
Како што е веќе објавено, свое учество на собирот досега пријавиле вкупно околу 300 компании, од кои 175 од Србија, 79 од Северна Македонија, 28 од Албанија, девет од БиХ, како и фирми од Австрија, Тајван, Полска и Грција, но и претставници од меѓународните институции кои пројавија голем интерес за овој форум. На настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како “мал шенген”.
Како што за Слободен печат велат од Владата, на форумот ќе се потпишат два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата.

Меморандумот за разбирање за олеснување на увозот и извозот и движење на стоки во Западен Балкан и Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија.

Во содржинска смисла, Меморандумот содржи одредби за поедноставување на формалностите поврзани со увозот и извозот и движење/транзит на стоки, соработката на царинските и другите надлежни органи, како и посебни одредби за безбедноста на храната, ветеринарни и фитосанитарни прашања и слободното движење на индустриски непрехрамбени производи.

Со Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи, договорните страни ја регулираат рамката на условите за доброволно давање на помош во случај на катастрофи, едукација и обука на персоналот на службите, единиците за заштита и спасување и друите членови на спасувачките тимови, размена на научни и технички податоци.

Третиот меморандум е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот и со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето за да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот, што значи отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за добивање дозвола за привремен престој.

Ова е потврда на заложбата за спроведување на правото на ЕУ во областа на слободно движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

Лидерите се во постојана комуникација и развиваат идеи, концепти и планови за нови трилатерални економски иницијативи и инвестиции кои ќе значат нови вработувања, директни бенефиции за народите и нови олеснувања на протокот на луѓе, стоки и услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот