Такси возила во Скопје / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Економската криза го преполови бројот на такси компаниите во Штип

Бројот на такси компаниите во Штип е намален за 50 отсто, а во моментов егзистираат само три такси компании кои располагаат со сто возила. Глигор Арсов, претседател на Здружението на такси превозници – Штип вели дека причините се дека енергетската криза, но и високите цени на деловите за нивните возила, како и недостатокот на возачи.

Цените се качуват континуирано, секој ден или секој месец. Зборуваме за репроматеријали, резервни делови. Игра улога и човечкиот фактор. Механичарите се веќе дефицитарни, а со самото тоа и цените за поправка се покачуваат. Реалноста е таа. Последните неколку години на ниво на држава се преполовени такси превозниците. Речиси 50 отсто градови како Штип работат со три компании, Куманово со четири или Кочани со две компании. Многу е тешка состојбата, вели Арсов.

Тој посочува дека ако порано имале по двајца или тројца возачи на едно возило, сега е тешко да се најде и само еден возач на едно такси возило. Причина е што на возачите им се нудат високи, европски плати за возење на камиони низ Европа, а дел од нив летово се заминати и на сезонска работа во Хрватска и Грција.

Имаме големи шпедиторски компании кои секој месец го качуваат нивото на плати и е тешко да ги задржиме луѓето. Проблем немаат само такси компаниите, тоа е проблем и за готвачите, кои за летната сезона заминаа во Хрватска и Грција. Ќе ги чекаме да дојдат во септември, а некој од нив воопшто нема ни да се вратат, рече Арсов.

Штипјани недостатокот на такси возила го чувствуваат особено за време на викендите, ноќните часови и во петок кога е пазарен ден. За такси компаниите дополнителен проблем ќе претставува и можното воведување на градски автобуски превоз, но и најавата за користење на возила со еуро пет стандарди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот