Насловна корица на книгата во издание на „Флип бук букс“

Еден поинаков градски пејзаж открива книгата „Скопско хаику“ од Александар Прокопиев и Маја Стефановска

Во издание на издавачката куќа „Флип бук букс“ излезе од печат двојазичното, македонско-англиско издание „Скопско хаику“ од Александар Прокопиев и Маја Стефановска.

Препевот на хаику поезијата на Прокопиев е на британската поетеса, книжевна критичарка и есеистка Фиона Сампсон, а објавувањето на книгата е поддржано од Град Скопје.

– Збирката „Скопско хаику“ е осмислена во духот на книжевно-графичките изданија. Тристишјата на Александар Прокопиев, заедно со експерименталните цртежи на Маја Стефановска произлегуваат од поетскиот канон на древната хаику и хаига традиција.

Алузијата на годишните времиња, следењето на нивната мена, заедно со изострениот осет за ритамот на изненадувањето што го буди подзаспаното чувство за убавина, ја вообличува темата на вечното љубопитство во вербално-визуелна игра која на најдобар можен начин ја дополнува лапидарната дефиниција на двете изразни форми – а тоа е дека и хаику песната и хаига цртежот се израз на наситено естетско доживување што се случува насекаде, во секој миг, како што се случува сега и овде и со секое наредно отворање на оваа книга на апстрактни концепти кои можат да се осмислуваат и во возбудливоста на нивната обратна врска: како визуелни хаика и лирски хаига – посочуваат од „Флип бук букс“.

Александар Прокопиев е прозаист, поет и есеист, еден од основоположниците на постмодернизмот во Македонија. Неговите дела се преведени на англиски, јапонски, арапски, германски, француски, полски, италијански, руски, украински, српски, бугарски и други јазици.

Маја Стефановска е академска сликарка во чие творештво се вбројуваат повеќе од седум самостојни изложби и учества во повеќе меѓународни проекти.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 210, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!