
Еден од најзначајните македонски писатели Венко Андоновски, денеска полни 61 година
Нашиот истакнат писател, романописец, раскажувач, драмски автор, поет, есеист, критичар, книжевен теоретичар и професор, Венко Андоновски е роден во Куманово на 30 мај 1964 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во Скопје. Тој е доктор по филолошки науки и работи како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Препорачано
Андоновски е член на Македонскиот ПЕН центар. Во 1990 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија.
Творештвото на Андоновски е богато и се состои од поезија, раскази, романи, драми, есеи и книжевна критика. Тој е еден од најчитаните македонски писатели во 21 век: неговиот роман „Папокот на светот“ е продаден во повеќе од 20000 примероци, а романот „Вештица“ го надминал тиражот од 14 000 примероци.
Исто така, тој е еден од најпопуларните драмски писатели во Македонија. Неговите дела се преведени на десетина јазици: англиски, француски, руски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски итн.
Негови поважни дела се: Нежното срце на варварот (1986), Квартот на лиричарите (1989), Фрески и гротески (1993), Припитомување на кучката (2018), Азбука за непослушните (1994), Папокот на светот (2000), Вештица (2006), Ќерката на математичарот/33,33 (2013), Папокот на светлината (2022)
Драми:
- Адска машина (1993)
- Бунт во домот за старци (1994)
- Словенскиот ковчег (1998)
- Црни куклички (2000)
- Папокот на светот
- Кандид во земјата на чудата (2001)
- Кинегонда во Карлаленд (2006)
- Граница (2008)
- Светица на темнината (2010)
- Олово на перница (2010)
- За секого има по една
- Генетика на кучињата
- Ана Каренина — македонска приказна
- Исус на Масада
- Господарот на кукавицата
- Јов
Критика и културологија:
- Матошевите ѕвона (1996)
- Текстовни процеси (1997)
- Структура на македонскиот реалистичен роман (1997)
- Дешифрирања (2000)
- Воскресението на читателот
- Обдукција на теоријата — Жива семиотика (том 1)
- Обдукција на теоријата — Наратологија (том 2)
- Зеницата на Македонија (Историја на македонската светлина), заедно со Глигор Стојковски
- Достоевски и Мекдоналдс (2019)
Филмски сценарија:
• Превртено
За своето книжевно творештво, Андоновски е добитник на наградите: „Рациново признание“, Прва награда за роман на издавачот „Зумпрес“ – Скопје, Наградата за најдобар драмски текст на Македонските театарски игри „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, Наградата на „Утрински весник“ за роман на годината, Наградата „Балканика“ (за „Папокот на светот“), „Кочиќево перо“, „Југра“ (руска награда за најдобар роман во словенските книжевности), 2013 – Награда „Стале Попов“ за „Ќерката на математичарот“, 2021 – Награда „Ванчо Николески“ за „Имаш пчела на носот: роман за њутајмер и олдтајмер тинејџери“, 2022 – Награда „Стале Попов“ за „Папокот на светлината“, 2023 – Награда „Златна бубамара на популарноста“, 2023 – Меѓународната Толстоева награда, 2023, која пред него ја добиле и Орхан Памук, Марио Варгас Љоса, Џулиен Бернз.