
Џорџо Армани првпат ќе ја пропушти својата ревија: „Не можам да спијам, ноќите ги поминувам во сеќавања“
Џорџо Армани, легендарниот италијански дизајнер кој на 11 јули ќе наполни 91 година, по првпат во повеќе од 50 години нема да биде дел од своите модни ревии на Модната недела во Милано. Тој нема лично да ја поздрави публиката по прикажувањето на новите колекции на „Емпорио Армани“ за пролет/лето 2026.
Препорачано
Од неговата модна куќа соопштија дека Армани се опоравува по краток болнички престој во Милано и моментално е дома, каде што одблизу ќе ги следи ревиите. Наместо него, публиката ќе ја поздрави неговиот долгогодишен соработник и директор на машка мода, Лео Дел’Орко.
И покрај здравствените предизвици, Армани активно учествувал во подготовката на новите колекции.
„Се чувствува добро и сака да ја поврати енергијата за обврските што го очекуваат“, стои во соопштението.
Тој веќе планира настап на Париската недела на висока мода, каде ќе ја претстави новата колекција од линијата „Приве“, која годинава слави две децении постоење. Јубилејот е одбележан и со изложба во „Армани Силос“ во Милано, која ќе биде отворена до крајот на декември.
Минатата година, во искрен разговор за списанието „Венити Фер“, Армани призна дека често размислува за минатото и за смртта, но и покрај сето тоа, неговата креативност и претприемачки дух не стивнуваат. Во Њујорк отвори нов ресторан, работи на нови проекти и останува целосно посветен на своето дело.
Иако не се соопштени точните причини за болничкиот престој, познато е дека Армани и во минатото имал здравствени предизвици – во 2009 година беше хоспитализиран поради хепатит, кој според неговите зборови, бил последица од прекумерно користење додатоци во исхраната.