
„Ги мрази Бугарите, а татко ѝ е од Босилеград“: Џамбаски ја нападна словенечката европратеничка која ги бранеше македонските позиции во ЕП
Бугарскиот политичар и поранешен европратеник Ангел Џамбаски во негов препознатлив стил ја критикуваше словенечката европратеничка Ирена Јовева, за нејзиниот говор во Европскиот парламент којшто беше во одбрана на Македонија.
Препорачано
Јовева, која има македонско потекло, им се обрати на македонски јазик на бугарските колеги во ЕП, кога се гласаше извештајот за напредокот на земјава.
Џамбаски го нападна нејзиниот говор, нарекувајќи ја „најзлобен и најбесен бугаромразец“. Тој тврди дека Јовева има бугарско потекло.
„Еден од најзлобните, најбесните бугаромразци во Европскиот парламент е оваа дама. Нејзиниот татко е Бугарин од Босилеград, за кого вели дека е „Бугарин роден во Србија“, а нејзината мајка е „Македонка“ родена во Скопјe. Јовева постојано изразува вистинска омраза кон Бугарија и Бугарите, го негира постоењето на македонските Бугари, ја негира бугарската историја и наследство во денешна РС Македонија. За ова однесување, поговорки колку сакате, но едно нешто не смееме да заборавиме.
Токму ова е резултат на бруталната асимилација и геноцид врз Бугарите во окупираните западни бугарски периферии и во Македонија од страна на српско-комунистичките сатрапи и предавничката политика на бугарските влади од 9 септември 1944 година до денес. Без исклучоци и без извинувања“, напиша Џамбаски на Фејсбук.
На пленарната седница минатата недела на која се дебатираше за Извештајот за напредокот на Македонија, европратеничката Јовева на македонски јазик им се обрати на бугарските колеги и им порача: „За да постои македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас за да го признаете тоа ви треба чесност, интегритет, храброст“.