
Две значајни изложби се поставени во објектот Чифте амам на Националната галерија: Секој чин на уметност е чин на надеж
Во амбиент на магична квечерина пред Чифте амам, на 19 јуни Националната галерија на Македонија ги отвори изложбите „Аквизиции и донации 2014-2024“ и „Inter spem et metum / Помеѓу надеж и страв“ на Славица Јанешлиева.
Препорачано
Двете изложби поставени во објектот Чифте амам претставуваат симболичен спој помеѓу собирањето на богатата национална колекција и нејзината јавна презентација, со цел идните генерации да добијат увид во делата на еминентни уметници, како и на помладите таленти.
Директорката на Националната галерија Маја Неделкоска Брзанова ја подвлече важноста на соработката со уметниците и нивната доверба, преку донации и парцијални откупи, како една од најзначајните мерки за збогатување на збирките. Легатите, како што е случајот со Лазар Личеноски, се наследство кое по сите фази на санација и конзервација стануваат дел од културното богатство на државата.
Директорката особено ја истакна потребата од континуирана грижа за културното наследство како клучен дел од националната идентитетска равенка и го нагласи ангажманот за одржување и промовирање на македонското уметничко наследство како одраз на нашата културна самобитност и идентитет.
– Она што е не помалку важно е токму презентацијата на нашето културно наследство, во случајот ликовното творештво, да го направиме видливо надвор од границите на нашата држава, но и да отвориме простор на македонската уметничка продукција за интернационален дијалог, да ги поддржиме нашите уметници во нивната меѓународна афирмација.
Една таква можност е токму учеството на Венециското ликовно биенале, нешто кое за нашата институција не е само обврска, туку и привилегија. Како Национална галерија, со особена одговорност ја носиме улогата на носители на националните претставувања на овој значаен настан, кој претставува една од најреномираните и најпрестижни меѓународни платформи за современа уметност.
Оттука, сакавме да ѝ овозможиме на публиката непосредно, една година потоа да го доживее повторно отворањето на македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале и проектот „Inter spem et metum / Помеѓу надеж и страв“ на Славица Јанешлиева. Оваа година во Скопје, во објектот Чифте амам, проектот на авторот Славица Јанешлиева, под кураторство на кустос советник д-р Ана Франговска, носи тивка, но силна порака – за постоењето на човекот во едно кревко, но динамично темпо, живеејќи помеѓу надежта и стравот, помеѓу светлината и сенката.

Концептот на проектот авторот го гради низ внимателно одбрани визуелни елементи и просторни симболики што меѓусебно се надополнуваат, создавајќи на тој начин амбиент кој ја надминува галериската функција и се претвора во простор на емоционално и интелектуално доживување. „Проектот „Inter Spem et Metum“ не само што претставува вредно уметничко сведоштво, туку и поставува теми што се универзални – прашања за иднината, за општеството, за личниот и колективниот страв, но и за вербата дека секој чин на уметност е чин на надеж.
Всушност, она што е суштествено да се нагласи е дека токму ваквите проекти сведочат за зрелоста на нашата уметничка сцена и за нејзиниот капацитет таа да комуницира со глобалните текови, но истовремено да понуди и сопствена, автентична перспектива – истакна Неделкоска Брзанова.
Директорката изрази особена благодарност до Министерството за култура и туризам за постојаната поддршка на активностите на Националната галерија. Исто така, изрази благодарност на колешката виш кустос Маја Чанкуловска Михајловска, како куратор на проектот „Аквизиции и донации 2014-2024“, за направениот избор и поставувањето на изложбата, на колешката кустос советник д-р Ана Франговска како куратор и на д-р Славица Јанешлиева, декан на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и автор на проектот „Inter spem et metum / Помеѓу надеж и страв“ за прекрасната реализација, како и на сите што придонесоа ова претставување да стане реалност.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 287, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.6.2025)