
Две награди за „Лена и Владимир“ на филмскиот фестивал во Требиње
Македонскиот долгометражен игран филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов донесе две награди од Медитеранскиот и европски филмски фестивал во Требиње, БиХ, што се одржа од 28 јули до 2 август. На фестивалот беа прикажани 30 филмови од 15 земји.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Извонредниот актер Тони Наумовски ја доби наградата „Голема повелба на Леотар“ за неговиот воодушевувачки портрет на главниот лик Владимир. Неговата „минималистичка и емотивно моќна интерпретација на комплексниот лик на Владимир во филмот е навистина исклучителна“, стои во образложението за наградата.
Директорот на фотографија Душан Кардалевски доби награда за неговата неверојатна работа на филмот „Лена и Владимир“. Неговата „визуелно и колоритно раскошна фотографија ја оживеа модерната филмска бајка на начин кој истовремено е фасцинантен и незаборавен“.
Филмот „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов е снимен по сценарио на Александар Русјаков. Главните улоги во филмот ги играат актерите Тони Наумовски како Владимир и Сара Климоска како Лена. Како актер Наумовски зад себе има над 200 улоги на филм и во театар, а тука остварува карактерна улога која многу точно и прецизно ја води од почетокот до крајот на филмот.

Во епизодни улоги се појавуваат актерите Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Кирил Коруновски, Луран Ахмети, Горан Илиќ, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Ангела Димитрова, Никола Кузелов и други.
Продукцијата е на „Минд“ – Скопје и „ДМФ Филмс“ во копродукција со „Терирем продукција“ од Србија, продуценти се Дејан Илиев и Илија Циривири, кинематографер е Душан Кардалевски, монтажата е на Мартин Иванов, продукцискиот дизајн на Влатко Зафирковски, костимите ги дизајнираше Раде Василев, дизајнот на маските и шминките е на Горан Игњатовски, сценографијата е на Александра Петкова и Влатко Христов, музиката на Дарко Спасовски, кастингот го направи Катерина Грубач. Филмот е посветен на прерано починатиот актер Луран Ахмети (1974-2021) од Албанскиот театар во Скопје.