Две години потоа

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Две години по руската агресија врз Украина е тема што беше актуелна овој викенд поради неколку работи. Прво, Украина продолжува со пиететната тактика за која зборувавме во неколку наврати и дури посочивме дека можеби тоа е клучот за одговор на агресијата.

Уште една руска гордост овој пат од воздух исчезна. Украинците соборија уште една подвижна руска команда во воздух А-50, пандан (ако може да се каже) на „авакс“ авионите на САД и на НАТО.
Второ, дипломатите експлодираа. Во ООН претставникот на Полска, па министрите за надворешни работи на Полска и на Германија, па следуваше портпаролката на руското МНР со нејзина верзија за реалноста.
Трето, на Блискиот Исток, Хутите најавија омасовување до 500.000 борци, а Египет ги засили барикадите за претстојната офанзива на Израел и евентуалниот наплив од бегалци кои што ќе ги има во изобилие.
Одиме по ред. Украина продолжува со својата пиететна доктрина, тивка ерозија на капацитетите на Русија. Да не се лажеме, тоа ни оддалеку не е доволно за да се каже дека Украина напредува во оперативна смисла. Ама поента е многу посилна. Истрајноста, ако ја има (секако нашите западни партнери да не ги форсираат со нивна логика на војната), може да биде ветувачка поради неколку причини. Една од тие причини е дејство по избрани цели со повеќеслоен ефект. Не толку физички колку психолошки, но и оперативен на долги патеки. Оперативен бидејќи го стеснува комодитетот на руските сили и ја негира доминацијата засега во воздух и вода. Само за да бидеме на врвот од задачата при објаснувањето, ова е сегментен успех што допрва треба да видиме како ќе се развива. Но, барем засега е ветувачки. Има логика во економија на силите, во принципот на изненадување, асиметрија во смисла на напорите коишто ги вложуваат Украинците, резултатот што го постигнуваат итн.
Од друга страна, еродира стратегиски капацитети на Русија во однос на Западот. Да, точно е дека Русија форсира доктрина на масовност, ама за да може да ја валоризира ѝ треба колку-толку иновативна компаративност за да може да парира на непријателот, а тоа во нивните очи е НАТО. Сепак, реалноста има и друга страна, а таа е дека како што стојат работите по две години од инвазијата, опстанокот на Украина и мирот во Европа висат на конец. Од западните лидери освен „најс-токс“ реално без никаква маска не видовме ништо. Приказните и спиновите на проруските оперативни анализи дека Русија се бори со 40 земји се делумно точни. Делумно затоа што во однос на бројки, на пример ако се направи компаративна анализа на тоа што сè САД дале на сојузниците и Советската армија за да се справи со нацистичката наезда за време на Втората светска војна во реални бројки е помалку од една петина во споредба со што го има добиено Украина.
Ултралибералниот „мајндсет“ сè уште не им дозволува на западноевропските лидери да сфатат дека разумното зборување со силеџија не оди баш како во приказните. Има тука, да не се лажеме, гревови што ја „стигаат“ западната демократија од минатото, ама секогаш и секаде некој ќе треба да го намири цехот. Реалноста, со други зборови, драги мои, е дека Европа е во лидерски хаос, а САД се истоштени од 20 години војување во војна што по сè изгледа никој од нас не ја разбра и сега оправдано или не, се соочува со сили што на својата агенда го имаат приоритетот „Америка пред сè“! Без да алудираме на нешто што може да ни се земе за зло (од прогресивните сили кои од гласноговорници на граѓанскиот сектор се вдомија на државни јасли или, пак, од „силните пера новинарски“ што со љубовни афери ја „прешалтаа“ голата беда што им веруваше и ги гласаше оние за кои тие тврдеа дека се иднината, па сега и дипломатија фатија), би рекле историјата е таа што е репер за многу нешта.
Во далечната 1938 година западната елита многу слично како и сега играше дворски игри и, како што вели Ендру Мича, поранешен декан на престижниот Центар за европски и безбедносни студии „Џорџ Маршал“, Западот (парафразирано) само дрдори наместо да реагира. Таквиот однос, како што веќе индициравме, го фрли светот во катастрофална светска војна која уништи земји и чинеше милиони животи. Примери за екстремни реакции како последица на лошото или задоцнетото реагирање има многу. Очигледно е дека две години по инвазијата е јасно оти е потребно лидерство што е подготвено да каже дека белото е бело, а црното – црно. Иако мора да признаеме решеноста кај најгласните е тука, засега е само на зборови или како и ништо да не се смени во изминатите две години.
Во центарот на вниманието, како што најавивме, беа дипломатските препукувања што наликуваат на историските читанки во предвечерието на големите војни. Насловна вест стана изјавата на германската министерка за надворешни работи која со многу „пи-ар“ елементи гостуваше на Си-ен-ен кај Кристијан Аманпур. Откако раскажа како му се обратила на Лавров, Русите збеснаа па се обидоа да пласираат нивна страна на приказната, во стилот дека наводно Лавров не ни бил таму кога се случило тоа, туку бил на некоја билатералка. Заменикот на Лавров наводно се обидувал да ѝ објасни дека Лавров не е во просторијата за да може да ѝ одговори, ама попусто, како што иронично пласираат Русите, жената продолжила да зборува. Арно ама, ако Русите имаа своја приказна за онаа на Аналена Бербок, останаа неми на изјавата на полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски во ООН, за часот по историја. На овој час во ООН, многу од перспективите и вистината на Русија добија една поинаква димензија – прилично поразлична од руската историја и пропаганда.
Но, тоа не е сè. Разочараноста и анксиозноста кај дел од европските лидери за кои зборувавме изминатите две години расте, а посебно кај оние што се на границата со Русија. Полска има сериозни причини да стравува и поради тоа можеби е разбирливо зошто полскиот министер за надворешни работи во една од опциите ја вметна и нуклеарната. Да, добро прочитавте, Полска, според него, има секакво право да бара нуклеарно оружје за да може да го оствари своето егзистенцијално право.
Паралелно на сите овие збиднувања на европско тло, светот беснее на сите страни. Иран изврши нов упад во Пакистан, кој еднаш „жешко“ му врати. Тука тлее нешто. За тоа многу малку се зборува, а може да биде кобно, оти не заборавајте, Пакистан е сепак нуклеарна сила. Хутите најавија своја оска на отпорот. Слично на ИСИС и претходно на Ал Каеда се формира панисламско движење, кое овој пат нема сунитски префикс, туку шиитски. Тоа е закана не само за Израел и сојузниците, ако може да се каже така, туку многу повеќе за сунитските кралства во Заливот, кои треперат од ова движење. Приказната за нив е страшна, бидејќи зад целата формација на Хутите не стојат недржавни актери како во случајот на Ал Каеда и ИСИС. Добро ајде попрецизно, не стојат отворено, како што е случај со јеменските Хути.
Приказната е пострашна и затоа што кралствата од Заливот немаат контрола во движењето кое им пркоси, пред сè ним. Зад нив стои Иран, а бројките се зголемуваат катадневно. Цифрите кои, ако се точни, се запрепастувачки се дека Хутите и нивниот отпор ита кон 500.000 борци. Колку и да се наивни и инфериорни во оперативна смисла споредено со кралствата од Заливот, и најмногу со Израел и западните партнери, бројката е голема. Многу повеќе од онаа на ИСИС или Ал Каеда. Пострашното е тоа што односот на силите во геополитичка смисла е различен. Уште пострашно е тоа што наративот веќе не го контролира Западот и наездата на светско ниво против глобалниот тероризам не е единствена со „овде-онде“ отпор или наратив што дава поинаков аргумент од оној на глобалната коалиција против тероризмот. Овој отпор има своја приказна. Има свои поддржувачи во целиот исламски свет. Но, не само таму. Тие поддржувачи се далеку поопасни од она што беше случај со АЛ Каеда и ИСИС. Опасноста извира од, би рекле, опасниот оперативен одговор на Израел, кој според меѓународните принципи за употреба на сила е меѓународно кривично дело. Нека простат тие што се лутат, но тоа влијаеше врз омасовување на отпорот и во западниот табор. Тоа е сериозен предизвик, бидејќи влијае на носењето на одлуки во целиот инженеринг на демократијата. Иако е многу доцна, ако тоа не се реши може да биде уште подоцна, би рекле апокалиптички доцна, слично како во двете светски војни.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот