
Дванаесет финалистки ќе учествуваат на поетскиот фестивал „Литературни искри“ во Гостивар
Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ од Гостивар ги објави имињата на финалистите на единаесеттото фестивалско издание. По оценувањето на тричлената комисија, во состав Наташа Сарџоска, Диме Ратајкоски и Слаѓана Брезовска, од вкупно 149 пристигнати регуларни пријави од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Хрватска, Словенија и Романија во двете возрасни категории селектирани се 12 поетеси.
Препорачано
На фестивалот ќе учествуваат Мира Георгиевска (Крива Паланка), Емилија Матаничкова (Скопје), Вања Савова (Бургас, Бугарија), Мирослава Бадаревска (Скопје), Десанка Николова (Велес), Анета Велкоска – Ода (Скопје), Александра Вујишиќ (Подгорица, Црна Гора), Дафина Гилевска (Скопје), Силвана Димитриевска (Скопје), Надица Тренчева (Кавадарци), Гордана Каракашевска (Скопје) и Ивана Гошева (Виница).
Финалистите конкурираат за наградите гран-при, прва, втора и трета награда, Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада поетска искра.
Поетскиот фестивал „Литературни искри“ во Гостивар се одржува во чест на 24 мај, денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 231, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.5.2024)