ДКСК - ден на борбата против корупцијата / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Два месеца се анализира телефонот на осомничената претседателка на ДКСК

Предметен обвинител активно постапува во предметот против лицето за кое покажувате интерес. Издадени се наредби по кои постапуваат релевантни институции и истражители од ОЈО ГОКК, кои вршат анализа на екстрахираните податоци од телефонот на осомничената, велат од Обвинителството за организиран криминал за „Слободен печат“.

Релевантни институции и истражители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) два месеца ги анализираат податоците што биле извадени од телефонот на осомничената претседателка на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска, откако во април беше фатена како му одава службени тајни на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ.

– Предметен обвинител активно постапува во предметот против лицето за кое покажувате интерес. Издадени се наредби по кои постапуваат релевантни институции и истражители од ОЈО ГОКК, кои вршат анализа на екстрахираните податоци од телефонот на осомничената – велат од Обвинителството за организиран криминал за „Слободен печат“.

Од Антикорупциската комисија велат дека Димитровска се уште не доаѓа во ДКС, а распределбата на предметите се врши континуирано на членовите на ДКСК, преку електронскиот систем, но таа ниту има предмети, ниту одлучува.

Истрагата против Димитровска беше отворена додека Обвинителството го истражуваше предметот „Адитив“ за проневера со набавка на адитиви од над 6 милиони евра за РЕК „Битола“. Во извадените податоци од телефонот на Стојановиќ беа најдени службени тајни што Димитровска му ги праќала додека бил осомничен. Беше откриено дека Димитровска преку својот службен телефон на „вибер“ и на „ватсап“ му давала информации за отворени предмети против него и други лица обвинети во „Адитив“, одлуки за нив, службени податоци кај кој член од ДКСК се наоѓа конкретниот предмет, како и информации за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство.

Откако беше осомничена за одавање на службена тајна, Димитровска во писмо до јавноста порача дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Таа се повика на принципот на пресумпција на невиност, односно „секој е невин додека не се докаже спротивното“, како и принципот на владеење на правото што треба да се почитуваат. Таа тврдеше дека нејзината комуникација била со семеен пријател, кој подоцна станал обвинет во случајот „Адитив“, а комуникацијата се одвивала во период пред да почне постапка за него пред надлежното обвинителство.

– Од соопштението од ОЈО ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор. По оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а преостанатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам врз постапката или на кој било аспект од истрагата – тврдеше таа.

По тримесечна истрага, ОЈО ГОКК на 27 февруари до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт за случајот „Адитив“ кој се однесува на криминал во државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), тежок 6,4 милиони евра, а пред еден месец почна едно од најголемите судења во новата дигитална судница во близина на „Идризово“.

Поранешниот директор на ЕЛЕМ Васко Ковачевски не седна на обвинителна клупа, бидејќи е во бегство, но седна неговиот наследник Васко Стефанов. Ковачевски е обвинет за несовесно работење во службата. За неколку кривични дела се товарат Стефанов, како и ексдиректорите на РЕК Битола – Пеце Матевски, и на ТЕЦ Неготино – Стојановиќ, како и поранешните комерцијални директори на ЕСМ Ардијан Муча и Данчо Стојановски.

Тие во периодот од април во 2023 година до август во 2024 година, создале група со цел вршење кривични дела. Според обвинението, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. На фирмата „Бреинкоде“, која го добила тендерот, ѝ овозможиле да стекне имотна корист од 6,4 милиони евра.

Освен функционерите од АД ЕСМ, обвинети се и други лица што биле дел од мрежата за перење пари, добиени од тендерите за набавка на адитив. Меѓу нив е и Маја Јорданова од Велес, вработена како службеничка во АД Пошта, а истовремено и сопственичка на фирмата „Бреинкоде“, која ги доби тендерите од државни електрани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот