Маркети/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Дурмиши: Анализираме какви мерки би презеле за ценовните шокови

Министерот посочи дека досегашните ограничувања на маржите дале резултати, но дека фокусот на Владата се среднорочни мерки со кои би се поттикнало поголемо домашно производство на храна.

Министерот за економија Бесар Дурмиши потврди дека се анализираат цените и дека се одвиваат консултации во Владата за евентуални мерки. Тој посочи дека досегашните ограничувања на маржите дале резултати, но дека фокусот на Владата се среднорочни мерки со кои би се поттикнало поголемо домашно производство на храна.

– Министерството за економија и за труд постојано ги следи извештаите на Народната банка, на Министерството за финансии, како и геополитичките фактори што влијаат врз инфлацијата за да може да се реагира со соодветни механизми во рамките на своите надлежности. За цените на основните прехранбени производи се прават анализи врз основа на податоци и извештаи на Државниот пазарен инспекторат и на Државниот завод за статистика и се одвиваат консултации во рамките на Владата за да се процени дали и какви мерки би биле најсоодветни како реакција на ценовни шокови, или нарушување на трговски текови – рече Дурмиши.

Тој посочи дека се работи и на мерки што ќе дадат среднорочни резултати.

– Во Министерството за земјоделство на пример, се работи на мерки да ги поддржиме нашите производители. Досега немавме мерки за внатрешно поддржување на компаниите. Така ќе се намалуваат цените на земјоделските и на основните прехранбени производи, затоа што ќе се произведуваат дома. Ние сме држава што повеќе од 70 проценти, па и 80, увезуваме производи. Имаме капацитети, имаме производители, треба да се фокусираме да ги поддржиме – нагласи министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот