Радмила Шекеринска / Фото: МИА

Дури и по завршувањето на војната Русија ќе остане најсериозна закана за безбедноста, вели Шекеринска

Русија останува најсериозната закана за безбедноста на Бугарија и Европа, постапките на Путин покажуваат дека тој не е заинтересиран за мир, порача заменик-генералниот секретар на НАТО и поранешна министерка за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска за време на посетата на Бугарија.

Шекеринска ја даде оваа изјава на јавно предавање во Централниот воен клуб, организирано од страна на Атлантскиот клуб на Бугарија и Здружението на атлантски резервни офицери, објави БГНЕС.

Настанот го отвори почесниот претседател на Атлантскиот клуб, Соломон Паси, кој ѝ честита за националниот празник на Македонија со што ѝ подари букет на Шекеринска. Паси истакна дека само 4 години по приклучувањето кон НАТО, Скопје успеа да ја номинира првата жена заменик-генерален секретар на алијансата од Европа.

На почетокот на својот говор, како што пренесе БГНЕС, Шекеринска изјавила дека со оглед на нејзината локација во близина на Црното Море, Русија останува „најдиректна и долгорочна закана“ за безбедноста на Бугарија.

„Со оглед на стратешката локација на Бугарија на Црното Море, не треба да ви кажам дека Русија останува најдиректна и долгорочна закана за безбедноста. Гледаме дека Русија продолжува со своите напади врз украинските домови, училишта и болници. Само пред два дена, Русија го започна својот најмасовен напад врз цивилната инфраструктура на Украина, со над 800 беспилотни летала, што покажува дека Путин не е заинтересиран за мир“, рече Шекеринска.

Таа го нагласи учеството на бугарските војници во мировните мисии на НАТО во Косово, Ирак и иницијативата за деминирање на Црното Море.

Шекеринска изјави дека НАТО се бори да ја обезбеди Украина со сè што ѝ е потребно за да се одбрани денес и да ја одврати руската закана во иднина.

„Претседателот на САД, Доналд Трамп, работи на тоа да се стави крај на оваа ужасна војна, бидејќи никој не заслужува мир повеќе од Украина и нејзиниот народ. Средбата во Белата куќа минатиот месец меѓу претседателот Трамп, претседателот Зеленски, генералниот секретар на НАТО (Марк Руте) и неколку европски лидери беше силна демонстрација на нашето единство. Генералниот секретар ја потврди оваа поддршка за време на неговата посета на Киев по повод Денот на независноста на Украина. Предводени од Франција и Велика Британија, повеќе од 13 земји од Коалицијата на волјата се обврзаа да распоредат мировни трупи (во Украина – ур.) за да ја одвратат идната руска агресија откако ќе престанат борбите. Ова е начинот да се обезбедат цврсти гаранции за безбедноста на Украина“, рече поранешната македонска министерка.

Таа ја изрази својата благодарност до Бугарија за воената помош што му ја дава на Киев од почетокот на руската агресија.

„Ова не е само правилна одлука, туку и мудра“, рече таа, додавајќи дека дури и по војната, Русија ќе продолжи да биде закана за безбедноста на НАТО. Со оглед на тоа што воените трошоци сочинуваат 40% од БДП на Русија, земјите членки на НАТО исто така треба да почнат да трошат повеќе.

„Без разлика како ќе заврши војната, Русија ќе остане дестабилизирачка сила, па затоа треба да инвестираме и да трошиме повеќе за нашата безбедност и одбрана“, рече Шекеринска.

Таа ја поздрави одлуката на Бугарија да почне да троши 5% од својот БДП за одбрана. Според Шекеринска, ова е огромен напор не само од страна на владата, туку и од страна на општеството. Поранешната македонска министерка нагласи дека оваа мерка е во согласност со последниот самит на НАТО во Хаг, додавајќи дека декларациите не се доволни за да ја одвратат Русија во иднина, но потребни се големи инвестиции во воените индустрии на земјите членки на НАТО. Како заклучок, Шекеринска ѝ честиташе на Бугарија за нејзините напори за модернизација на својата армија и додаде дека предизвиците со кои се соочува НАТО се големи, но земјите членки се решени да се справат со нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот