
Дури и најскапата салама се лепи по еден ден, а тазе јогуртот реже како да стоел на сонце!
Дел од трговците со кои разговараше „Слободен печат“, неволно признаваат дека ваквите проблеми стануваат сè почести, а причините ги гледаат во намалениот број вработени, на кои им се потешко да ги проверат датумите и роковите на производите, но и во непочитувањето на „студениот синџир“ на дотур особено кај млечните и сувомесните производи, па дури и на лебот
Скапи, димени пршути и печеници што се лепат само еден ден откако ви биле исечкани во некој дуќан, јогурт и кисело млеко што имаат валиден рок на траење, а режат како да стоеле со денови на сонце, специјални видови леб што се нудат на акција, а внатре се веќе мувлосани, притоплени и маслосани пекарски производи за кои мислите дека се тазе испечени, а всушност се непродадени од претходниот ден, пакувани палачинки што ги купувате како тазе испржени, а се толку крути и може да ги користите како картонска амбалажа…
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Што се случува со и онака прескапата храна, прашуваат граѓаните што се зачудени од ваквиот безмалку безобразен однос кон муштериите? Дел од трговците со кои разговараше „Слободен печат“ неволно признаваат дека ваквите проблеми стануваат сè почести, а причините ги гледаат во намалениот број вработени, на кои им сè потешко да ги проверат датумите и роковите на производите, но и во непочитувањето на „студениот синџир“ на дотур особено кај млечните и сувомесните производи, па дури и на лебот.
Голем дел од вината се фрла и врз неможноста за поврат на непродадената стока, но никој не сака да признае дали навистина тие се носат на депониите или се „замиваат“, се ставаат во ново солило и потоа се препакуваат за одново да се најдат на рафтовите!?
– Ние сме само две, а во маркетот има стотици производи. Проверката на роковите е наша работа, но не се постигнува. Понекогаш имаме поголем прием на стока, а добавувачите ги оставаат гајбите со кисело-млечните производи пред дуќанот и тоа е доволно тие да се скиснат ако надворешните температури се високи. Додека да ги снабдат сите дуќани, дел од дистрибутерите на леб возат со часови, а лебот стои во комбињата – се правдаат од еден скопски дуќани.
Од Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора на Македонија, во неколку наврати признаа дека се среќаваат со ситуации во кои правилата за соодветно чување на производите во маркетите не се почитуваат, некогаш од дистрибутерите, некогаш од крајните продавачи или потрошувачи. Оттаму посочија дека доколку дојде до прекин на „ладниот ланец“, се скратува рокот на траење на кисело-млечните производи и доаѓа до промена на квалитативните карактеристики на производот.
– Ова е особено важно за кисело-млечните производи, какви што се јогуртот, киселото млеко, павлаката и други производи од овој тип, кои се температурно осетливи и за кои е задолжително, во целиот процес на производството, дистрибуцијата, продажбата, па сè до крајното сместување во фрижидер во домаќинствата, да бидат чувани во специфични услови. Токму овој процес се нарекува „ладен ланец“, а контролирана оптимална температура на целиот ланец е од 2 до 8 степени – велат производителите.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство се децидни дека операторите со храна имаат обврска да склучат договор со јавно комунално претпријатие за транспорт и нештетно уништување небезбедна храна и за тоа да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство бидејќи тие ја имаат примарната одговорност за безбедноста на храната. Само во април, инспекторите на АХВ нештетно уништија 1.740 килограми небезбедна храна.
За утврдени недоследности кај различни категории оператори со храна, издадени се 44 решенија за нивно отстранување. За пуштање во промет на небезбедна храна и утврдени недоследности од поголем обем, изречени се и 30 парични казни во износ од 25.400 евра во денарска противвредност.
Рокот на употреба мора да биде јасно назначен во декларациите на производите и граѓаните мора да внимаваат што и каде купуваат, велат од Организацијата на потрошувачите за нашиот весник.
– Во последно време граѓаните се жалат дека квалитетот и на производите што имаат важечки рок на траење, не е соодветен. Тоа може да значи дека нешто не штима дури и во производството, бидејќи недозволиво е тазе производ да не мириса убаво, јогуртот да режи, а во трајното млеко да има грутчиња – забележуваат во ОПМ. Оттаму, апелираат граѓаните да ги чуваат фискалните сметки и веднаш да реагираат до трговците.
Европол: антидатирањето е криминална практика што зема замав
Промената на датумите на производите на кои им истекол рокот и повторното ставање на пазарот и нивна продажба преку малопродажните синџири е релативно нова криминална практика што зема замав, предупредува Европол. Поради овие махинации, во 2023 година во неколку земји од ЕУ беа уапсени 27 лица, кои учествуваа во овој синџир на измами. Во последната акција на Европол, во повеќе европски земји се запленети околу 22.000 тони храна и 850.000 литри пијалаци, главно алкохолни пијалаци чии етикети се фалсификувани.
Официјално беше објавено дека се откриени 11 криминални мрежи, а се издадени 104 потерници. Со инфилтрирање во компаниите за депонирање отпад, осомничените за измама набавиле големи количества храна со поминат рок што требало да се уништи. Како ја извршиле измамата? Според деталите од истрагата, прво хемиски ги бришеле роковите на одредени артикли, по што ќе пишувале нови. Подоцна, како што се сомнева, фалсификувале и декларации и ставале сосема нови за да бидат уште посигурни дека потрошувачите нема да забележат дека не купуваат свежа храна. Европол тогаш предупреди дека таквата храна и пијалаци не само што можат да имаат непријатен вкус и мирис, туку таквата храна може да биде исклучително опасна за човечка исхрана и може да претставува сериозен ризик за јавното здравје, објави „Политика.рс“.
Неизедената салама треба да се фрли за три дена
Откако ќе отворите пакување сечкано мисиркино месо или шунка од продавницата, д-р Џенифер Квинлан за ЕвридејХелт посочи дека треба да се јаде или да се фрли во рок од три дена, пишуваат светските медиуми. Според Министерството за земјоделство на Соединетите Американски Држави (УСДА), сувомеснатите производи можат да траат до пет дена. Ова е затоа што бактеријата листерија, која може да се пренесе на површината на ладните парчиња, може да продолжи да се шири дури и во фрижидер.
„Можеби на почетокот ќе биде само на површината, па затоа нема веднаш да ве разболи“, вели нутриционистот Квинлан. Но, колку подолго чекате, толку поризични стануваат тие парчиња.
Сите сувомеснати производи мора да ги исполнуваат барањата дефинирани со регулативата: чиста и сува површина, со мали наслаги од мувла; мирис и вкус карактеристични за чадот и видот на употребеното месо; со најправилна можна форма, со уредно исечени рабови и без засеци; месестите делови од производот се од светлоцрвена до темноцрвена боја, а периферните делови се потемни; масното ткиво е пластично и бело, а површинските слоеви може да имаат жолтеникава нијанса.