
ДУИ ја мобилизира албанската дијаспора: Гласачи со 40 авиони и 100 автобуси ќе допатуваат во Кичево?
Околу 40 авиони и стотина автобуси со иселеници Албанци се очекува да пристигнат в петок и в сабота во земјава, за на 31 октомври, во вториот круг од локалните избори, да гласаат за кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари, по третпат да биде избран за градоначалник на Кичево. Според информации на Слободен печат од ДУИ, очекувањата се најмалку 5.000 гласа од албанската дијаспора да му помогнат на Дехари во борбата против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, кој во првиот изборен круг победи со 250 гласа предност.
Препорачано
– Дијаспората веќе е организирана и со авиони и автобуси од цела Европа ќе дојдат во Кичево за да му дадат поддршка на Дехари. Има најава дека и наши иселеници од САД ќе дојдат за гласањето. Дијаспората самоиницијативно се организира, не ја организира ДУИ. Очекуваме масовно да дојдат, бидејќи в понеделник е католичкиот празник Денот на сите светци, така што е неработен ден, па ќе можат да се вратат – велат од ДУИ.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети ја повика дијаспората на 31 октомври да се врати дома и да го поддржи нивниот кандидат за градоначалник.
„Заедно сме биле предизвикани во повеќе наврати и никогаш не сме се откажале. Сме застанале силно затоа што сме биле заедно, како цел народ посветен на нашиот роден град. Еден од најголемите предизвици што ги имавме овие години е враќањето на Кичево во наши раце и денес не треба да дозволиме историјата да се врати назад. Ве повикувам уште еднаш да се сплотиме за нашето Кичево и на 31 октомври сите патишта да нè носат дома“, напиша Ахмети на Фејсбук.
Дека иселениците веќе се организираат за доаѓање во Кичево на денот на изборите, потврда стаса од „Обединетата кичевска дијаспора“, која преку соопштение повикува гласање за кандидатот Албанец во Кичево. Патувањата ќе се организираат преку нивните здруженија во Швајцарија, Австрија, Германија, Италија.
„Почитувани сонародници, во Кичево ние Албанците сме физичко мнозинство и имаме можност да станеме политичко мнозинство. Значи, наше е да го водиме Кичево. Градоначалникот, во принцип, мора да биде Албанец. Затоа, Обединетата дијаспора од Кичево ги повикува сите сонародници да се мобилизираат и да заминат во својот роден град, во Кичево, да гласаат за кандидатот Албанец во вториот круг од локалните избори што ќе се одржат в недела, 31 октомври 2021 година“, пишува во соопштението.
Поддршка за Дехари најави и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во пакет со поддршката за Чаир, Струга и за Гостивар.
Интересно ќе биде каде ќе одат гласовите на конкурентот и доскорешен сопартиец на Дехари, Фатмир Лимани, кој во првиот изборен круг освои 4.527 гласа. Иако излегоа информации дека тој ќе повика неговото гласачко тело во вториот круг да гласа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак Лимани во објава на Фејсбук рече дека граѓаните треба слободно да ја искажат својата волја.
Не е првпат напомош на Дехари да се мобилизира албанската дијаспора. При првиот избор на Дехари за градоначалник на Кичево во 2013 година, иселениците масовно со авиони слетаа на скопскиот и на охридскиот аеродром за да гласат за кандидатот на ДУИ. Тогаш само од Швајцарија во два дена имаше повеќе од 20 чартер-летови покрај редовните три линии.