
ДУИ допрва ќе излезе со иницијатива за „мајскиот договор“
Допрва ќе се излезе со иницијатива за „мајскиот договор“, изјави потпретседателот на ДУИ Бујар Османи и со тоа ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека Европскиот фронт ова прашање ќе го стави на маса пред идниот премиер Христијан Мицкоски. Функционери на ВМРО-ДПМНЕ негираа дека по договорот со Европскиот фронт за поддршка на законот за реорганизацијата на министерствата ќе има следни средби и дека „разноразни портали измислуваат дека ќе се разговара за озаконување на „мајскиот договор“, односно дека со Европскиот фронт ќе разговараат за нивното барање за законско решение „победник со победник“ да прави влада.
Препорачано
„Мајскиот“ договор на маса пред Мицкоски, следен услов на Европскиот фронт за двотретинска поддршка
Османи за поддршката за реорганизација на министерствата рече дека кои било разговори за кои се бара поддршка од Албанците мора да се разговара со легитимниот претставник на Албанците, а тоа е Европскиот фронт.
– Затоа, може и во иднина да очекувате кои било разговори за иднината на државата што ќе бараат согласност од втората по големина етничка заедница, да мораат да одат преку легитимниот претставник. Допрва ќе излеземе со иницијативи за „мајскиот договор“.
Најважно е прашањето на легитимитетот. Легитимитетот е срцето на Рамковниот договор основата на договорот од 2001 година за немајоризација и било кое прекршување на легитимитетот на втората по големина заедница е рушење на Рамковниот договор. Мајоризацијата беше ситуација пред 2001 година и тоа доведе до договор дека мора да се почитуваат заедниците. Ова е голема грешка со сериозни последици за функционалноста на нашата демократија – рече Османи.
Тој негира дека ДУИ го прекршила „мајскиот договор“ во 2017 година, бидејќи како што вели тој не се однесува на мнозинската заедница. Според него, целта на Рамковниот договор е спречување на мајоризација на немнозинските заедници.
Од ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека ќе има следни средби и велат дека состанок со претставници на Европскиот фронт имале само во врска со законот за реорганизација на владата.
– Ниту бил отворен „мајскиот договор“ ниту се разговара со ДУИ на темата. За секој реформски и системски закон ќе бараме поддршка од сите партии дури и од СДСМ – рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ за Канал 5.
Мандатарот Мицкоски вчера повтори дека владини партнери на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат коалицијата Вреди и ЗНАМ и дека СДСМ, Европскиот фронт и Левица се опозиција.
Според Мицкоски, и покрај поддршката од Европскиот фронт со која обезбедија двотретинско мнозинство за реорганизација на владиниот кабинет, ВМРО-ДПМНЕ нема да го промени односот кон ДУИ и тие ќе останат партија во опозиција. Тој негира дека има некаков договор или политички пазар со ДУИ за евентуално тие да и се приближат на власта и додаде дека за законот, според него, имало разговори со сите политички партии во Собрание, вклучително и со СДСМ и Левица, од кои исто така побарал поддршка.