
Државниот обвинител покрена истрага против претседателката на Перу
Канцеларијата на државниот обвинител на Перу соопшти дека започнала истрага против новата претседателка Дина Болуарте и членовите на нејзиниот кабинет поради насилните судири во кои загинаа најмалку 40 луѓе, а стотици беа повредени од почетокот на декември. Новата влада и покрај ова ја доби довербата од Конгресот со големо мнозинство гласови. Во случај на неуспех, би дошло до реконструкција на владата и оставка на премиерот Алберт Отарола.
Препорачано
Истрагата на државното обвинителство следи по смртта на 17 цивили во јужниот регион Пуно во понеделникот, најсмртоносниот ден на протестите откако минатиот месец беше соборен и приведен поранешниот претседател Педро Кастиљо. Насилството продолжи кога еден полицаец загина откако демонстрантите му го запалија автомобилот.
Државното обвинителство соопшти дека ги истражува Болуарте, Отарола, министерот за одбрана Хорхе Чавез и министерот за внатрешни работи Виктор Рохас, под обвинение за „геноцид, квалификувано убиство и нанесување тешки повреди“.
Групите за човекови права ги обвинуваат властите за употреба на огнено оружје против демонстрантите и фрлање димни бомби од хеликоптери. Армијата, пак, тврди дека демонстрантите користеле и оружје, но и експлозиви од домашно производство.