
Државата влегла во шопинг-манија за медицински апарати, без да бере гајле што нема кој да работи со нив
Тендерите за набавка на современи медицински апарати во државното здравство си врвеле, без да се води сметка дали вистински тие ќе се користат, или ќе скапуваат во болниците во внатрешноста каде нема кој да работи со нив. Пациентите во потрага по современи апарати за дијагностика и понатаму доаѓаат во епицентарот на медицината – Скопје на Клинички центар, а опрема во вредност од 13 милиони евра не работи. Загрижувачките наоди на Државниот завод за ревизија за искористеноста на современата медицинска опрема во Македонија покажуваат дека јавното здравство мора да вложува во вработување доктори и друг медицински персонал, освен тоа што сече ленти на апаратура.
Препорачано
Ревизијата извршена за периодот од 2021 до 2023 година покажа дека побарувачката за снимања со компјутерска томографија во државава расте, ама болниците објавуваат термини значајно под пропишаните норми. Нови купени компјутерски томографи во болниците во Тетово и во Кочани фаќаат прашина бидејќи нема кој да работи на нив и поради технички проблеми. Шопингот на медицинска опрема не е проследен со сразмерно зголемување на здравствените работници, па затоа тие што остануваат да ги работат современите апарати се „натоварени“.
Само 3 од 22 јавни здравствени установи во државата објавуваат број на термини за компјутерска томографија кој е блиску до пропишаното, додека во 10 болници термините за КТ што се објавуваат е значајно под пропишаните норми, констатира државниот ревизор.
Во дел од болниците компјутерските томографи се користат со полн капацитет, ама половината се целосно амортизирани, чини многу за да се поправаат. Така во цела 2024 година во болницата во Струмица компјутерскиот томограф бил „во аут“.
Со ревизијата беше опфатена употребата на современата медицинска опрема што е најскапа и најбарана односно компјутерски томографи, ангиографи, акцелератори, мамографија, ПЕТ скен и роботот за рехабилитација во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. Во анализираниот период 2021-2023 година за потребите на државното здравство набавена е медицинска опрема во вкупна вредност од 16,2 милиони евра финансирана со буџетски средства, со заеми и донации. Поради необезбедени кадровски и просторни услови, опрема со вредност од 13 милиони евра и понатаму не е ставена во употреба, а опрема со вредност од 5,5 милиони евра не се користи во полн капацитет, ниту пак се искористуваат нејзините дополнителни функционалности.

Од 9 линеарни акцелератори 5 се на „принуден одмор“
Државниот ревизор констатира дека од 9 линеарни акцелератори вредни 21,8 милиони евра за радиотерапија на пациенти со малигни заболувања, пет не се ставени во употреба до денот на ревизијата. Два од нив се на Клиниката за радиотерапија и онкологија, два во болниците во Штип и Битола и еден во ГОБ „8 Септември“ иако три од нив се инсталирани пред години.
Иако се набавени акцелератори и за други државни болници, сите услуги во периодот 2021–2023 година ги обезбедувала единствено Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде се третираат над 2.300 пациенти годишно, односно просечно се вршат околу 200 зрачни третмани на ден.
Ангиографите не се користат доволно
Во Македонија 9 болници располагаат со 18 апарати ангиограф, вредни 13 милиони евра. Бројот на услуги извршени со ангиограф во 2023 година пораснал за 68 проценти споредено со 2021 година, ама сепак апаратите не се користат доволно зашто нема стручен кадар, простор и клинички патеки за вршење на овој вид услуги. Речиси половината од услугите со ангиограф во цела држава на пациентите им ги дала Универзитетската клиника за кардиологија. Да се закаже ангиограф не е баш едноставно, ниту е унифициран процес. Болниците не го подобриле начинот за упатување и закажување преку „Мој Термин“ за ангиограф, констатира ревизорот.

Во периодот опфатен со ревизијата, во јавните здравствени установи се извршени 32.238 услуги со ангиограф, од кои половината се изведуваат на терциерно ниво, што создава висока оптовареност на кадарот и апаратите, особено во Клиниката за кардиологија која располага со 4 ангиографи.
Услугите од интервентна радиологија се вршат во само две болници и тоа во 81 процент се извршени како итни и прегледи без термин.
ПЕТ скен на основно ниво, на еден апарат
Институтот за ПЕТ (позитронско-емисиона томографија) е единствениот во државата каде се вршат современи дијагностички услуги за рано откривање на малигни заболувања, за што располага со Циклотрон за производство на радиоизотопи и ПЕТ/КТ скенер во вкупна вредност од 5,8 милиони евра.
Од 2021 до 2023 година на апаратот реализирани се 6.457 снимања, со просек од околу 180 пациенти месечно. Снимањата се вршат со само еден ПЕТ/КТ скенер, со што не се користат целосно капацитетите на Циклотронот, кој може да произведе изотопи за поголем број снимања.
Во текот на 2023 година, за потребите на јавното здравство за прв пат се набавени 4 мамографи со томосинтеза и стереотакса во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Овие мамографи се инсталирани во 4 болници и истите во редовни термини се употребуваат само за примарната намена – дигитална мамографија, но не и за дополнителните функционалности, томосинтеза и стереотакса, кои се користат само при спроведување на националниот скрининг за рак на дојка.
Утврдено е дека ваквата состојба се должи на потребата од набавка на дополнителна опрема, неутврдени референтни цени од Фондот за здравство и немањето на соодветно обучен персонал за овој вид услуги.
Радиолози снемува, па така седуммина од Институтот за радиологија си заминале и сега има останато само 23-ца во таа институција, а во целото државно здравство има само 79 радиолози. Министерството за здравство итно треба да вработи 69 радиолози.
Роботот „локомат“ од 940 илјади евра треба да се користи и кај деца, советува ревизорот
Во 2023 година на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација набавија скап робот од 940 илјади евра – „локомат“. Тој помага во рехабилитација на пациенти со мозочни удари, повреди на ‘рбетот или други невролошки и ортопедски состојби. На Клиниката тој прво се користеше само за хоспитализирани пациенти, а од јули 2024 година и за амбулантски пациенти со термини.
Ревизорот препорачува да почне да се користи кај деца и за пациенти што имаат проблем со рацете, а не само за оние што имаат проблем со нозете. За тоа треба да се докупи опрема што ќе го оспособи роботот и за такви функции. За ревизорот ова е важно, зашто само на оваа клиника во државното здравство има ваков робот, а на друго место го има само во приватното здравство и во странство.
Евиденциите во „Мој Термин“ во ФЗОМ и во самите болници „не се познаваат“ меѓу себе
Со ревизијата е утврдено дека постојат значајни разлики во евиденциите за извршените услуги помеѓу болниците, Мој Термин и Фондот за здравство, што резултира со помалку прикажани услуги од болниците кон Фондот и ненаплатена партиципација од страна на болниците во износ од најмалку 247 илјади евра.
Ваквата состојба се должи на нецелосно евидентирање на услугите од страна на болниците во Мој Термин како единствен национален систем за евиденции во здравството.
За помалку прикажаните услуги за компјутерска томографија во системот на Фондот не ни беше обезбеден ревизорски доказ за изготвени пресметки и наплатена партиципација. Можниот изгубен приход на јавните здравствени установи по основ ненаплатена партиципација од пациентите изнесува најмалку 247 илјади евра, пишува во извештајот.
Иако јавните здравствени установи се обврзани континуирано да ја одржуваат медицинската опрема во исправна состојба и навремено да ги евидентираат дефектите во системот „Мој Термин“, ревизијата утврди дека постои недоволна ажурност и различна практика во спроведувањето на овие обврски.
Поради монополската позиција на овластените застапници за одржување и сервисирање за период од три години за дел од опремата трошоците се еквивалентни на вредноста на нова опрема од ист вид, како што е тоа случај со акцелераторите. Дел од уредите за компјутерска томографија и ангиографите, набавени пред повеќе од 10 години, често се расипуваат и не се во функција со месеци, па и со години.
Радиоактивна опрема?!
Во дел од јавните здравствени установи ревизорот утврди присуство на нефункционална медицинска опрема која, и покрај започнати постапки, сè уште не е дислоцирана ниту соодветно третирана како отпад, вклучително и опрема што содржи радиоактивни елементи.
Дел од оваа опрема зафаќа специјално опремени простории кои би можеле да се искористат за нова функционална опрема. Непочитувањето на законските обврски за отстранување и управување со отпад ја загрозува животната средина и укажува на слабости во системот за управување со опрема ставена надвор од употреба, се наведува во извештајот.
Ревизијата констатира потреба од подобрување на регулативата за доуредување на одредени прашања поврзани со користењето на медицинската опрема, како и зајакнување на капацитетите во институциите задолжени за следење и евидентирање на состојбата со опремата и за контрола и надзор. За надминување на наведените состојби дадени се препораки за подобрување на искористеноста на медицинската опрема и зголемување на достапноста на здравствените услуги за граѓаните. Една од препораките е за Министерството за здравство – да направи критериуми и приоритети за избор за која ЈЗУ ќе се набави која
и каква опрема, начинот на финансирање, како и утврдување на реалните потреби и можности за набавка на современа медицинска опрема согласно просторните и кадровските капацитети по претходна координација со ЈЗУ. Министерството за здравство треба да продолжи да вработува кадар кој ќе биде оспособен да работи со современите медицински апарати. Треба да се воспостават листи на чекање на подолг рок за системско следење на сите пациенти за кои има утврдена потреба од одредена здравствена услуга и уредување на рокот во кој треба да бидат издадени снимки и извештаи со стручен наод и мислење.
Министерството за здравство треба да воспостави Национален систем за архивирање и комуникација на слики (ПАКС) во кој ќе бидат поврзани одделите за радиологија во сите јавно-здравствени установи. Тоа исто така треба да направи стручни упатства за медицина заснована на докази за вршењето услуги со медицинска опрема и патеки за движење на пациентите од една во друга ЈЗУ за вршење на здравствена дејност во интервентната радиологија.