
Државата пак го заборави Леонид: Ризик дека ќе мора да се врати во Македонија, ФЗОМ уште „спие“ за фактурата од 140 илјади евра, тврди неговиот татко
Бранко Индов, татко на младиот Леонид кој со хеликоптер беше транспортиран на лекување во Виена, за „Слободен печат“ вели дека Фондот за здравство (ФЗОМ) уште нема одлучено на второстепена комисија дали лекувањето на неговиот син може да продолжи во Австрија, што го доведува во ризик лекувањето на неговиот син.
Препорачано
-Од второстепената комисија во Фондот за здравство нема никаков одговор за тоа дали може да се покрие неговото лекување во Виена и покрај тоа што помина многу време. Болницата во Австрија има подготвена фактура од 140 илјади евра за наредните три месеци за неговото лекување и сме сега во една многу незавидна ситуација. Дали треба јас Леонид да го вратам во Македонија?, прашува Бранко Индов.
Првите три месеци од лекувањето на Леонид Индов во Виена беа платени од донации собрани од хумани граѓани. Но трите месеци што следуваат нема кој да ги покрие. Фондот за здравство првично одби да покрие 140 илјади евра за лекувањето на Леонид во Виена под изговор дека станува збор за рехабилитација што можело да се спроведе во земјава, и покрај тоа што ниту една здравствена установа не се прогласи за стручна и компетентна да го спроведе таквиот третман, а згора на тоа Леонид имаше и конзилијарно мислење од специјалисти дека неговото лекување во Македонија не е возможно. Затоа тој беше транспортиран со хеликоптер на МВР во Австрија, во центар за рехабилитација. Стануваше збор за ризичен и комплексен транспорт бидејќи младиот пациент е на респиратор.
-Министерството за здравство не плати, Фондот за здравство не одговори. Јас знам дека се избори, но светот не застанал. Ако не плати Министерството за здравство како што јавно министерот вети, тогаш дали јас ќе треба да го враќам назад Леонид?, прашува таткото Бранко Индов.
Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, при што го повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен, па дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите.
Леонид се лекува во Австрија во траума-центар и има многу големи подобрувања поради новите методи и начини за осамостојување во дишењето.
Најнапред образложението на ФЗОМ беше дека тоа што му се врши на Леонид во Австрија не било лекување, туку рехабилитација.
– Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор, рекоа од Фондот.
Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Но, ниту една институција во државата не се прогласи за способна екипирана и стручна да спроведе ваков вид лекување.
Клиничкиот конзилиум од ТОАРИЛУЦ на Леонид Индов му издаде предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на специјализирана медицинска рехабилитација и лекување. Во конзилијарното мислење за Леонид е наведено дека во земјавава се исцрпени сите опции за лекување и дека поради тоа се упатува на лекување во Австрија. И покрај тоа, првостепената лекарска комисија при Фондот одбила да го покрие трошокот.
Таткото на Леонид, Бранко Индов во Фондот за здравство поднесе жалба против одлуката на првостепената лекарска комисија при ФЗОМ која го одби лекувањето на неговиот син во странство со образложение дека не било лекување туку рехабилитација. Но, на жалбата нема одговор иако овие случаи се итни.