„Популаризација на воената професија“ во средните училишта / фото: Министерство за одбрана

Државата ќе врбува војници уште од училишните клупи – МО почнува со „популаризација на воената професија“

Во средните училишта во Скопје, Велес, Охрид, Валандово, Тетово и Прилеп денеска започна проектот за Популаризација на воената професија, во чии рамки претставници од Министерството за одбрана и Воената академија, заедно со професионални војници, подофицери и офицери од Армијата, ги „информираа средношколците за можностите кои ги нуди воената професија“, соопшти Министерството.

„На информативните предавања младите имаа можност да се запознаат со условите за прием на служба во Армијата, но и со можностите за личен и професионален напредок кои се дел од воената професија. Целта на проектот е зголемување на интересот на младите за воената професија, а со тоа и зголемување на интересот на огласите за професионални војници и питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, што е од особена важност при селектирање на различни профили на кадри“, пишува во соопштението.

Министерството за одбрана најави дека наскоро ќе објави оглас за прием на 300 професионални војници на кој ќе можат да се пријават сите млади македонски граѓани.

„Со овој потег најавен од министерот Мисајловски ќе се зголеми борбената готовност на Армијата, додека истовремено таа ќе се подмлади со млади и мотивирани граѓани чија задача ќе биде безбедноста на татковината“, велат од Министерството за одбрана.

„Популаризацијата на воената професија“ низ средните училишта ќе се реализира до април годинава и ќе опфати 99 средни училишта низ државата. Денеска овој проект се спровел во средното училиште „Илинден“ и гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, ССОУ „Димитрија Чуповски“ во Велес, СОСУ ,,Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, СУ „Гоце Делчев“ во Валандово, СУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, СОЕПТУ „Кузман Јосифовски Питу“ и СОУ „Мирче Ацев“ во Прилеп, додаваат од МО во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот